Србија ги интегрираше кинеските ракети воздух-земја CM-400AKG на своите модернизирани борбени авиони МиГ-29, создавајќи нова способност за прецизни напади од голема оддалеченост што може да влијае врз воениот баланс на Балканот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во март потврди дека земјата купила „значителен број“ од овие ракети и дека нејзините воздухопловни сили ги приспособиле авионите од советско производство за нивно користење.
Со тоа Србија стана првата европска држава и втор познат странски корисник на системот по Пакистан. Цената на набавката не беше објавена, а Вучиќ рече дека Белград добил „мал попуст“.
Фотографии објавени во јавноста покажуваат српски МиГ-29 со ракети поставени под крилјата. Специјализираниот портал „Дифенс секјурити Азија“ наведува дека системот може да се користи преку посебен кинески интерфејс, без целосна и скапа замена на авиониката на старите ловци.
Таквиот пристап овозможува релативно стари авиони да добијат современо прецизно оружје, со што МиГ-29 од платформа првенствено наменета за воздушна одбрана може да се користи и за удари врз цели на земја и на море.
Ракета со дострел до 400 километри
CM-400AKG е суперсонична ракета воздух-земја произведена од кинеската корпорација CASIC. Може да носи разорно-фрагментациска боева глава тешка околу 150 килограми или пробојна боева глава од околу 200 килограми, наменета за зацврстени објекти.
Проценките за дострелот се разликуваат. Вообичаено се наведуваат околу 100 до 250 километри, додека српските и пакистанските извори зборуваат за максимален дострел до приближно 400 километри, во зависност од висината и брзината на авионот при лансирањето.
Ракетата се движи по полубалистичка траекторија и во завршната фаза може да достигне повеќекратна брзина на звукот. Тоа го скратува времето за реакција на противничката противвоздушна одбрана и го отежнува нејзиното пресретнување.
Иако во дел од медиумските и маркетиншките материјали се опишува како хиперсонична, попрецизно е да се класифицира како високосуперсонична полубалистичка ракета, бидејќи не станува збор за класично хиперсонично лизгачко оружје.
Системот комбинира инерцијално и сателитско насочување, а во зависност од варијантата може да има инфрацрвен, телевизиски или пасивен радарски трагач. Производителот ја развивал ракетата за напади врз воени бродови, радари, командни центри, инфраструктура и други цели со висока вредност.
Старите ловци добиваат нова улога
Србија со години ги модернизира своите МиГ-29, од кои дел беа донирани од Русија и Белорусија. Интеграцијата на кинеските ракети им дава нова улога во периодот додека Белград ги очекува 12-те француски ловци „рафал“, кои треба постепено да ги заменат „миговите“ до крајот на деценијата.
Наместо авионот да се приближува до целта и да влегува во дострелот на противвоздушната одбрана, CM-400AKG му овозможува да го испали оружјето од поголема оддалеченост.
Ефикасноста на таквиот систем, сепак, зависи и од квалитетни разузнавачки податоци, надворешно наведување и навремено утврдување на координатите на целта. Без таква поддршка, самиот дострел на ракетата не гарантира успешен удар.
Интеграцијата претставува и показател за растечката способност на кинеската одбранбена индустрија да приспособува свое оружје на авиони од руско и советско потекло. Тоа може да биде привлечно за државите што имаат постари флоти, но немаат средства за брза набавка на нови западни или кинески борбени авиони.
Загриженост во регионот
Хрватска, членка на НАТО и Европската Унија, ја критикуваше српската набавка како закана за регионалната стабилност и како уште еден знак за засилена трка во вооружување на Балканот.
Белград, од друга страна, тврди дека модернизацијата е насочена кон зајакнување на одвраќањето и заштита на националниот воздушен простор.
Србија одржува воена неутралност и соработува со НАТО преку програмата Партнерство за мир, но истовремено негува блиски односи со Русија и Кина и официјално останува кандидат за членство во ЕУ.
Нејзината воена опрема ја одразува таа надворешнополитичка рамнотежа. Белград располага со руски авиони и хеликоптери, кинески системи за противвоздушна одбрана и беспилотни летала, а истовремено купува француски „рафали“ и друга западна опрема.
CM-400AKG не ја укинува пошироката технолошка и бројчена предност на НАТО, но на Србија ѝ дава способност што досега ја немаше – лансирање брзи и прецизни удари од дистанца. Во густо поврзаниот воздушен простор на Балканот, тоа е промена што соседите и Алијансата веројатно внимателно ќе ја следат. (Инбокс7)

