Албанската полиција соопшти дека тројцата функционери на коалицијата ВЛЕН не биле спречени да влезат во Албанија на граничниот премин Ќафасан, туку дека законска пречка постоела само за четврто лице кое патувало со нив.
Генералниот директор на Државната полиција на Албанија, Скендер Хита, изјави дека Беким Ќоку, Аднан Азизи и Хасим Муртезани, кои поседувале дипломатски пасоши, добиле дозвола да го продолжат патувањето.
„Едно лице кое беше со нив имаше законски пречки за влез во Република Албанија. Во тие околности, сите четворица одлучија да не го продолжат патувањето и се вратија во Северна Македонија“, рече Хита.
Пратеникот Беким Ќоку потврди дека делегацијата доброволно се вратила бидејќи не сакала да го остави сопатникот сам на границата.
„Не ни е јасно зошто му беше одбиен влезот. Знаеме дека постојат неколку забрани за влез за Албанци од Северна Македонија и тоа предизвикува револт“, изјави Ќоку.
Пратеникот Аднан Азизи случајот го оцени како политички мотивиран, тврдејќи дека претходно слушнале за забрани за влез на активисти од Северна Македонија и обвини дека официјални претставници на Албанија покажале поддршка за активности на ДУИ.
Во меѓувреме, ВЛЕН побара од албанските власти, доколку постои забрана за влез на нивни функционери, да ги објават официјалните документи со законската основа, надлежниот орган и причините за таквата одлука.
Случајот предизвика политички реакции во Северна Македонија, додека албанските власти инсистираат дека тројцата функционери никогаш не биле спречени да влезат во земјата.

