Фронтекс и Светската царинска организација спроведоа пилот-операција против шверц на непријавена готовина и вредности во Југоисточна Европа, при што беа запленети 221.770 евра, 20.000 американски долари, 100.000 турски лири и 2,02 килограми сребрен накит.
Операцијата „Balkans Action Days“ се одржа од 20 до 24 јули, а во неа учествуваа Бугарија, Грција, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Припадници на Постојаниот корпус на Фронтекс им помагаа на националните власти во проверките на патничкиот багаж и откривањето на непријавени пари и вредности на граничните премини.
„Акцијата покажа дека Фронтекс делува во борбата против различни форми на прекуграничен криминал, далеку пошироко од управувањето со границите. Во соработка со Светската царинска организација ја комбинираме експертизата за гранична контрола и царински надзор за да спречиме непријавената готовина и вредности да влезат во финансиските текови“, соопшти Фронтекс.
Агенцијата наведува дека, иако употребата на готовина во Европската унија се намалува, шверцот на готовина и вредности останува на стабилно високо ниво во последната деценија.
Според Фронтекс, готовината останува привлечно средство за криминалните групи бидејќи е тешко да се следи и често се користи во трговијата со дрога, нелегални цигари, трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти.
Југоисточна Европа е меѓу регионите со најголем број откриени случаи на непријавена готовина. Фронтекс потсети дека само пред неколку месеци српската гранична полиција, српската царина и агенцијата заплениле повеќе од 374.000 евра скриени во специјално изработени прегради во јакна на граничниот премин Градина кон Бугарија.
Агенцијата посочи и дека во операцијата „Joint Action Days Pirates 3“ во октомври 2025 година биле откриени повеќе од 1,1 милион евра непријавена готовина, покрај други заплени.

