Северна Македонија, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и уште неколку европски земји, се усогласи со одлуката на Европската Унија за продолжување на рестриктивните мерки поврзани со воената поддршка на Иран за Русија и за вооружени групи на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море, соопшти Советот на ЕУ.
Одлуката опфаќа и ирански активности за кои ЕУ смета дека ја поткопуваат слободата на пловидба на Блискиот Исток.
Советот на ЕУ на 24 јули ја усвои Одлуката 2026/1837, со која постојните рестриктивни мерки се продолжуваат за уште една година – до 27 јули 2027 година.
Покрај Северна Македонија, со одлуката се усогласија Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Норвешка и Украина.
„Тие ќе обезбедат нивните национални политики да бидат усогласени со оваа одлука“, соопшти ЕУ, додавајќи дека Унијата ја поздравува преземената обврска.
Тоа значи дека Северна Македонија ќе ја приспособи својата национална политика кон рестриктивниот режим на ЕУ, продолжувајќи ја практиката на усогласување со европската заедничка надворешна и безбедносна политика.
Режимот беше воспоставен во 2023 година поради иранската воена поддршка за руската војна против Украина, а подоцна беше проширен за да ги опфати и поддршката за вооружени групи и субјекти на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море, како и активностите што ја загрозуваат слободата на пловидба.
Со најновата одлука, датумот на важење на мерките се поместува од 27 јули 2026 на 27 јули 2027 година.
Истовремено, Советот одлучил од листата на санкционирани да отстрани четири лица: Мохамад Шахаб Ханиан, Голам Али Рашид, Бехнам Шахријари и Али Шадмани.
Отстранувањето на четирите имиња не значи укинување на режимот на санкции. Напротив, Советот по извршената ревизија одлучил останатите рестриктивни мерки да продолжат да важат уште една година.
Одлуката е во контекст на зголемените тензии околу Иран и безбедноста на поморските патишта на Блискиот Исток, особено Ормутскиот Теснец, еден од клучните светски коридори за транспорт на нафта и течен природен гас.
За Северна Македонија, усогласувањето има и поширока политичка тежина, бидејќи како земја-кандидат за членство во ЕУ од неа се очекува постепено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

