Копретседателот на ВЛЕН, Билал Касами, изјави дека во коалицијата сè уште не е донесена конечна одлука за новите заменик-министри, но оти постојат повеќе предлози кои се разгледуваат.
„Сè уште не се утврдени. Има неколку предлози во рамките на ВЛЕН, но конечниот предлог сè уште не е дефиниран. Според предвидената динамика, во текот на септември предлозите треба да бидат доставени до Собранието“, изјави Касами пред новинарите при пуштањето во употреба на улица во Тетово.
Тој не откри кои имиња се разгледуваат ниту колку позиции ќе бидат пополнети, нагласувајќи дека процесот е во тек.
Именувањето на новите заменик-министри е дел од реконструкцијата на Владата, а конечните предлози ќе треба да добијат поддршка во Собранието.

