Украина погоди две големи руски рафинерии во серија напади со долг дострел, соопшти претседателот Володимир Зеленски, додека руските власти тврдат дека во текот на ноќта пресретнале повеќе од 600 украински беспилотни летала.
Зеленски изјави дека украинските сили ги погодиле рафинеријата „Славнефт-Јанос“ во Јарослав и постројката „Башнефт-Новоил“ во Башкортостан. Над Јарослав, околу 280 километри североисточно од Москва, биле забележани огромни облаци од црн чад.
Гувернерот на Јарославската област, Михаил Евраев, го опиша нападот како најголем досега врз регионот. Тој рече дека биле уништени 93 дронови, но дека остатоци од леталата погодиле резервоари во рафинеријата и предизвикале пожар.
Четири лица биле повредени од шрапнели, додека три куќи и повеќе возила биле оштетени, соопшти Евраев. Според него, непосредната опасност за населението е надмината, а пожарникарските екипи продолжуваат со гаснење на огнот.
Рафинеријата во Јарослав е една од петте најголеми во Русија и има капацитет за преработка на околу 15 милиони тони сурова нафта годишно. Таа произведува автомобилско и авионско гориво, како и други нафтени деривати.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала и уништила 605 украински дронови над повеќе региони, вклучувајќи ги Московската област, Јарослав и Црното Море.
Зеленски рече дека украинските сили погодиле и два руски патролни брода и пловила поврзани со руската „флота во сенка“ во Црното Море. Независна потврда за обемот на штетите немаше.
Украина во последните недели ги засили нападите врз руските рафинерии, складишта и енергетска инфраструктура, наведувајќи дека целта е да се намали способноста на Москва да ја финансира војната.
Жртви и во Украина
Во исто време, руските сили продолжиле со напади врз украински градови и пристаништа.
Во градот Балаклија, во областа Харков, три лица загинале во напад со дронови врз станбена населба, соопшти украинската служба за итни случаи.
Во одделен напад врз железничка станица во Харковската област загинале две лица, а осум биле повредени, според регионалните власти.
Во Суми биле повредени 12 лица, откако руски напад погодил цивилна инфраструктура и станбени згради. Еден од повредените бил во критична состојба.
Уште едно лице загинало, а три биле повредени при руски напад врз брод натоварен со украинска пченица во пристаништето Одеса. Бродот пловел под знамето на Гвинеја-Бисау и претрпел оштетување на трупот, по што избувнал пожар.
Русија соопшти дека нејзините сили погодиле два товарни брода за кои тврди дека превезувале воена опрема во близина на Одеса. Засега не е јасно дали руското соопштение се однесува на истиот брод.
Двете земји негираат дека намерно напаѓаат цивили, иако во речиси секојдневните удари продолжуваат да страдаат станбени објекти, транспортна инфраструктура и трговски пловила.

