Фото: АП
Соединетите Американски Држави воведоа царини од 50 отсто за дел од канадските производи во вредност од околу 20 милијарди долари, откако пропаднаа трговските преговори меѓу двете земји, а канадскиот премиер Марк Карни најави реципрочен одговор „долар за долар“.
Новите царини стапија во сила во саботата и опфаќаат широк спектар производи – од храна и пијалаци до облека, дрвени производи и спортска опрема.
Ескалацијата претставува еден од најсериозните трговски судири меѓу САД и Канада во поновата историја и дополнително ги влошува односите меѓу двата традиционални сојузници.
Вашингтон и Отава во петокот биле блиску до договор кој требало да ги намали царините за челик, алуминиум и автомобили, но преговорите пропаднале во последен момент. Двете страни меѓусебно се обвинија за неуспехот.
КАРНИ: БАРАА ПРЕМНОГУ, НУДЕА ПРЕМАЛКУ
Карни рече дека канадските преговарачи постапувале во добра волја, но дека американската страна во последен момент ги променила условите.
„Бараа премногу, а понудија премалку“, рече Карни.
Според него, последните американски барања ќе ја намалеле царинската поволност за автомобилите произведени во Канада, ќе ја ограничеле способноста на Отава да склучува трговски договори со други земји и ќе ги ослабеле канадските механизми за заштита на јазикот, културата и суверенитетот.
Карни ги оцени условите како неприфатливи и ги повлече канадските преговарачи. Засега не се планирани нови разговори.
Канадскиот премиер ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ја користи економската интеграција меѓу двете земји како „оружје“.
ВАШИНГТОН ЈА ОБВИНУВА КАНАДА
Американската страна даде спротивна верзија за пропаѓањето на договорот.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир рече дека Канада во последен момент побарала дополнителни отстапки и се повлекла од претходно преземени обврски.
Според него, Вашингтон понудил намалување на царините за челик, автомобили и дрвена граѓа и на Канада ѝ понудил подобар третман од другите големи извозници на американскиот пазар.
Грир рече дека американската администрација решила да дејствува и како одговор на канадските контрамерки воведувани во изминатата година.
ОД ХОКЕЈСКИ ПАЛКИ ДО ВИНО И ОБЛЕКА
Царините ќе погодат околу пет отсто од годишниот канадски извоз во САД.
Листата опфаќа млеко и млечни производи, шеќери, мед, безалкохолно пиво, како и пиво, вино, жестоки пијалаци и јаболковина.
Опфатени се и производи од дрво и бамбус, хартија, облека, мебел, украсни предмети, цвеќе и семиња, како и спортска опрема, меѓу која хокејски палки, лизгалки и рибарски стапови.
Економистите предупредуваат дека царините можат да предизвикаат загуба на работни места и проблеми за одредени компании, но политичките последици би можеле да бидат уште поголеми.
ТРГОВИЈА ОД 880 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ПОД ПРИТИСОК
САД и Канада минатата година размениле стоки и услуги во вредност од околу 880 милијарди долари, а производствените синџири на двете економии се длабоко поврзани.
Новата ескалација отвора прашања и за иднината на северноамериканскиот трговски договор меѓу САД, Канада и Мексико, кој е клучен за автомобилската индустрија и други сектори.
Претседателката на Канадската стопанска комора, Кендис Лејнг, ги опиша американските царини како „тежок удар“ врз конкурентноста на Северна Америка, предупредувајќи дека тие ќе ги зголемат трошоците за американските потрошувачи и ќе ги погодат канадските компании и инвестиции.
Премиерот на Онтарио, Даг Форд, ја поддржа најавата на Карни за реципрочен одговор и повика Канада да настапи обединето.
Карни најави и дополнителна помош за канадските работници и компании погодени од царините.
Трговскиот конфликт истовремено добива поширока политичка димензија. Карни претходно изјави дека „Америка се променила“ и дека односите меѓу двете земји нема едноставно да се вратат на старото ниво.
Најновата ескалација покажува дека спорот повеќе не е само околу царинските стапки, туку и околу идниот политички и економски однос меѓу два од најблиските партнери во Северна Америка.

