30.8 C
Скопје
19 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Семејството обвинува за лекарска грешка, Министерството отвори итна истрага

Министерството за здравство отвори итна постапка и нареди вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи по случајот со 19-годишна родилка од Струмица, која останала парализирана по породување со царски рез.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши надзор во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје.

Инспекторите треба да ја обезбедат и разгледаат целокупната медицинска документација и да го утврдат текот на лекувањето во сите три установи. По завршувањето на надзорот, стручна комисија треба да оцени дали имало пропусти или лекарска грешка.

„Случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи“, соопшти Министерството за здравство.

Од Министерството нагласија дека евентуалната одговорност на медицинските работници ќе се утврдува врз основа на факти и стручни наоди, а не преку јавни осуди и шпекулации.

Институцијата ги повика медиумите и јавноста да го почитуваат достоинството на пациентката и заштитата на нејзините лични и здравствени податоци.

Според досега објавените информации, младата жена се породила со царски рез во струмичката болница, при што ѝ била дадена спинална анестезија. По интервенцијата, наместо целосно да закрепне, таа ја изгубила подвижноста на нозете и развила параплегија.

Пациентката потоа била префрлена во Клиничката болница во Штип, а оттаму на Клиниката за неврологија во Скопје, каде што биле продолжени испитувањата и лекувањето.

Нејзиното семејство јавно изнесе сомневања за лекарска грешка и несоодветен третман.

Раководството на штипската болница најави формирање сопствена стручна комисија за испитување на случајот. Од болницата претходно соопштија дека при извршените прегледи не биле утврдени хируршки пропусти во делот од третманот што бил спроведен во нивната установа.

Конечните причини за здравствената состојба на пациентката и евентуалната одговорност ќе бидат познати по завршувањето на инспекцискиот и стручниот надзор.

Related posts

Почна трката по бројки: кога и како ќе заврши?

admin

Скопје добива нов систем за Брза помош: Целта е одзив за неколку минути наместо за 40

admin

Дали Фридрих Мерц е премногу стар за да биде канцелар?

admin

Трамп нареди преместување на нуклеарни подморници по изјави на Медведев

admin

Трамп: САД може да останат во Иран и да ја задржат нафтата, како во Венецуела

admin

ВМРО-ДПМНЕ: Добро е што ДУИ е подготвена да замине

admin