26.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАНАУКА

Технологијата од ковид-вакцините влегува во борбата против ракот: голем тест донесе охрабрувачки резултати

Експериментална вакцина против рак, направена индивидуално според туморот на секој пациент, покажала ветувачки резултати во големо клиничко испитување кај лица со висок ризик од повторна појава на меланом, според резултатите што ги објавија фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“.

Пациентите кои ја примале персонализираната мРНК вакцина „интисмеран“ заедно со веќе одобрената имунотерапија „Китруда“ останале без рак подолго од пациентите кои ја примале само „Китруда“, соопштија компаниите на 19 август.

Целосните податоци од испитувањето сè уште не се јавно објавени, поради што независна проценка на резултатите ќе биде можна откако ќе бидат презентирани деталите.

Претходните клинички испитувања на комбинацијата покажале намалување на ризикот од повторна појава на ракот или смрт за околу половина.

Вакцина направена за конкретниот пациент

За разлика од класичните вакцини кои се даваат за да спречат заразна болест, „интисмеран“ е терапевтска вакцина. Таа не го спречува развојот на меланом кај здрави лица и е наменета за пациенти кои веќе имале рак.

Технологијата користи информација од самиот тумор на пациентот.

Истражувачите го анализираат генетскиот материјал на клетките на ракот и идентификуваат специфични мутации кои создаваат таканаречени неоантигени. Потоа се произведува персонализирана мРНК вакцина која треба да му покаже на имунолошкиот систем кои клетки да ги препознае како опасни.

Станува збор за мРНК технологија слична на онаа што беше широко применета кај вакцините против ковид-19, но во овој случај вакцината е приспособена на карактеристиките на туморот на конкретниот пациент.

Вакцината го покажува непријателот, „Китруда“ ја ослободува одбраната

Двата третмани имаат различни, но комплементарни задачи.

Персонализираната вакцина треба да го научи имунолошкиот систем да ги препознава специфичните клетки на ракот.

„Китруда“, од друга страна, е имунотерапија која го блокира протеинот ПД-1 – еден вид „сопирачка“ на имунолошкиот систем. Со блокирањето на овој механизам се овозможува имунолошките клетки поефикасно да го нападнат туморот.

Целта на комбинацијата е по хируршкото отстранување на меланомот да се уништат преостанатите клетки на ракот кои би можеле подоцна повторно да ја предизвикаат болеста.

За кои пациенти е наменета?

Испитувањата опфаќаат пациенти со хируршки отстранет меланом со висок ризик – од високоризичен стадиум II до стадиум III и одредени пациенти во стадиум IV.

Кај пациентите во четвртиот стадиум, видливите жаришта на ракот морале претходно да бидат хируршки отстранети.

Третманот потоа се применува со цел да се продолжи периодот во кој пациентот останува без повторна појава на болеста.

Меланомот е најсмртоносната форма на рак на кожата. Во САД годишно се дијагностицираат повеќе од 100.000 случаи, а околу 8.500 луѓе умираат од болеста, според проценките на Американското здружение за рак.

Во последните 15 години третманот значително напредува благодарение на имунотерапијата и таргетираните терапии, но спречувањето на повторната појава на болеста по операција останува важен медицински предизвик.

Резултатите од новото испитување отвораат можност персонализираните мРНК вакцини да станат дополнителна алатка во лекувањето на ракот. Сепак, вакцината е сè уште експериментална и ќе биде потребна целосна анализа на податоците и регулаторно одобрување пред евентуално да стане дел од стандардната терапија.

Related posts

Двајца израелски министри повикаа на иселување на Палестинците од Газа

admin

Полошо отколку во 2008? Американците ја губат вербата во економијата

admin

Османи: Целиме до ноември, но за уставните измени ќе работиме до крајот на мандатот

admin

Душан Јањиќ за Инбокс7: Србија се соочува со избор: промени или конфликт

admin

Кос: Нема гаранции дека нема да има нови блокади за Северна Македонија дури и по уставните измени

admin

Ќе го реши ли „тајниот“ трет протокол болниот спор со Бугарија?

admin