Бројот на компании што прогласиле банкрот во Европската Унија значително се зголемил во вториот квартал од 2026 година и достигнал највоко ниво од почетокот на споредливата серија во 2019 година, додека регистрацијата на нови компании се намалила втор квартал по ред, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Сезонски приспособениот број на прогласени банкроти во ЕУ пораснал за 5,7 отсто во споредба со првиот квартал, додека регистрациите на нови бизниси се намалиле за 0,5 отсто.
Во еврозоната растот на банкротите бил уште поголем – 6,9 отсто, додека бројот на новорегистрирани компании се намалил за 0,1 отсто.
Податоците укажуваат на зголемен притисок врз делови од европскиот бизнис-сектор, иако Евростат предупредува дека прогласувањето банкрот не значи автоматски и затворање на компанијата, а правилата за несолвентност значително се разликуваат меѓу земјите.
Најголем пад на нови компании во индустријата
Во пет од осумте анализирани сектори во вториот квартал бил регистриран пад на новите бизниси.
Најголемо намалување има во индустријата – 3,6 отсто, по што следуваат сместувањето и угостителството со пад од 3,4 отсто, како и образованието и социјалните услуги со 3,2 отсто.
Спротивен тренд бележи секторот информации и комуникации, каде регистрациите на нови компании скокнале за 8,8 отсто. Евростат наведува дека растот во овој сектор трае од вториот квартал на 2025 година.
Во градежништвото е забележан раст од 1 отсто, додека финансиските услуги останале непроменети.
И покрај последниот пад, бројот на регистрации во повеќето сектори сè уште е над нивото од четвртиот квартал на 2019 година, непосредно пред пандемијата. Исклучок се трговијата, угостителството и индустријата.
Банкротите во образованието скокнале за 21,1 отсто
Уште поизразени промени се забележуваат кај банкротите.
Во пет од осумте сектори нивниот број се зголемил. Најголем раст е регистриран во образованието и социјалните дејности – 21,1 отсто.
Следуваат транспортот со раст од 11,4 отсто и финансиските услуги со 6,8 отсто.
Намалување на банкротите е регистрирано во угостителството и сместувањето за 2,6 отсто, градежништвото за 1,7 отсто и трговијата за 1,2 отсто.
Во сите анализирани сектори бројот на банкроти во вториот квартал од 2026 година останува над нивото од крајот на 2019 година.
Грција и Хрватска меѓу земјите со најголем раст
Податоците по земји покажуваат големи разлики во рамките на Унијата.
Од членките за кои има расположливи податоци, Естонија имала најголем квартален раст на банкротите – 31,8 отсто, а веднаш зад неа е Грција со 31,6 отсто.
Хрватска е трета со раст од 20,5 отсто, што ги става две балкански членки на ЕУ меѓу трите земји со најсилно зголемување на банкротите.
На спротивната страна, бројот на банкроти се намалил за 50 отсто во Малта, 41,7 отсто во Кипар и 33,5 отсто во Словачка.
Евростат предупредува дека кај помалите земји апсолутниот број банкроти може да биде многу мал, поради што кварталните процентуални промени можат да бидат исклучително високи.
Големи разлики има и кај отворањето нови компании.
Регистрациите паднале за 24,2 отсто во Луксембург, 12,4 отсто во Литванија и 8,2 отсто во Данска.
Најголем раст има Ирска со 20,4 отсто, пред Белгија со 8,2 отсто и Шведска со 7,6 отсто.
Банкротите го надминаа нивото од пандемијата
Последните бројки се дел од подолгорочна промена во европското деловно опкружување.
Во првата половина од 2020 година бројот на банкроти нагло се намали, во голема мера поради владините програми за финансиска поддршка на компаниите за време на пандемијата на КОВИД-19.
Од крајот на 2021 година трендот почна да се менува.
Според Евростат, банкротите речиси континуирано растеле од четвртиот квартал на 2021 до третиот квартал на 2025 година. По благото намалување кон крајот на 2025 и во првиот квартал од 2026 година, во вториот квартал повторно силно пораснале и го достигнале највисокото ниво од 2019 година.
Кај новите компании трендот бил поинаков. Регистрациите генерално растеле од почетокот на 2022 до крајот на 2025 година, но во првиот квартал од оваа година се намалиле за 0,9 отсто, а во вториот за дополнителни 0,5 отсто.
Тоа значи дека ЕУ влегла во средината на 2026 година со истовремено помалку новорегистрирани бизниси и повеќе прогласени банкроти.

