Коалицијата ВЛЕН ја обвини ДУИ дека се соочува со внатрешна борба за лидерство и побара одговор кој фактички управува со партијата – лидерот Али Ахмети, Бујар Османи или поранешниот вицепремиер Артан Груби.
„Во ДУИ веќе не се знае кој ја води партијата. Али Ахмети пушта пробни балони за повлекување од политиката, Бујар Османи му фрлил око на претседателското столче, додека луѓето на Артан Груби испраќаат поздрави и ги потсетуваат сите кој до вчера го кроеше законот во партијата. Три приказни и една голема паника“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Од коалицијата тврдат дека Ахмети се наоѓа пред политичка дилема околу односот кон Груби.
„Ако го брани Артан, врз себе го презема целиот негов политички багаж. Ако му сврти грб, ризикува да се отвори ‘црната кутија’ и да покаже кој што нарачал, што потпишал и кој, на крајот, го собрал кајмакот“, велат од ВЛЕН.
Коалицијата го прозва и Бујар Османи поради неговото молчење за Груби.
„Тој зборува за сè, но за Артан ниту збор. Кој му го врзал јазикот на Бујар? До вчера заедно стоеја на врвот на ДУИ и пред јавноста демонстрираа единство, а денес Бујар се однесува како Артан да не постои“, се наведува во соопштението.
ВЛЕН прашува дали Османи располага со информации за Груби кои не сака да ги објави и дали неговото молчење е поврзано со можните политички последици од случајот.
„Од што повеќе се плаши Бујар – дека Артан ќе пропее како славеј или дека Али нема да се повлече?“, прашуваат од ВЛЕН.

