1.8 C
Скопје
6 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Груевски избега, Христијан нема да избега“: Филипче најави одговорност по следните избори

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да им се извинат на семејствата на жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово, откако Обвинителството го затвори предметот поврзан со набавката и изградбата на 19 модуларни болници.

Филипче рече дека одлуката на Обвинителството покажала дека во постапката немало злоупотреба на службената положба ниту штета на буџетот.

„На почеток сакам да кажам дека страшно жалам за загубените животи, за луѓето кои таму загинаа и сочувствувам со семејствата. И тоа така ќе биде секогаш“, рече Филипче.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција претходно соопшти дека по проверки и анализа на документацијата не утврдило основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување или за друго кривично дело кое се гони по службена должност во врска со јавните набавки за 19-те модуларни болници.

Филипче, кој беше министер за здравство во периодот кога беа набавувани модуларните болници, рече дека одлуката го потврдува начинот на кој ги извршувал јавните функции.

„Нема злоупотреба на службената должност, нема штета на буџетот и тоа го отсликува целокупното мое работење“, рече тој.

Филипче со остри обвинувања кон Мицкоски

Лидерот на СДСМ го обвини Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека пет години ја користеле трагедијата за политички напади против него, нарекувајќи ги „организирана криминална група“.

„Пет години зборуваат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле. Замислете, јас што спасувам животи, за кого здравјето на граѓаните е на прво место“, рече Филипче.

Тој потсети дека по пожарот во модуларната болница во Тетово поднел оставка од функцијата министер за здравство, оценувајќи го тоа како „морален и човечки чин“.

Во пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица.

Филипче го обвини Мицкоски дека и по одлуката на Обвинителството продолжува да ја користи трагедијата во политичката пресметка.

„Пет години си поигруваат со нивните чувства, со нивните емоции и со нивната жал“, рече Филипче, барајќи извинување до семејствата на загинатите и до јавноста.

ВМРО-ДПМНЕ: Абази го спасил Филипче

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја оспори политичката тежина на одлуката на Обвинителството и го обвини шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, дека го „спасил Филипче од одговорност“.

Партијата тврди дека прашањата околу техничките спецификации и безбедноста на модуларните болници не се расчистени и порача дека предметот би можел повторно да биде отворен доколку се појават нови докази.

Обвинителството, од друга страна, соопшти дека од анализираната документација не произлегува дека службено лице ја искористило или пречекорило службената положба со цел да прибави значителна имотна корист или да предизвика значителна штета.

„Груевски избега, Христијан нема да избега“

Филипче на крајот од обраќањето упати и директна политичка закана за одговорност на актуелната власт доколку СДСМ се врати на власт.

„После следните избори доаѓа правдата во Македонија и Христијан Мицкоски и криминалната група за сè што прават овие изминати две години ќе одговараат“, рече Филипче.

„Никола Груевски избега, Христијан нема да избега“, додаде тој.

Related posts

Брисел подготвува ЕУ со помалку вета: четири кандидати добиваат патокази, Македонија останува на постепена интеграција

admin

5,5 милиони евра за 35 години независност: Каде завршиле парите од Државна лотарија?

admin

Зошто Велика Британија ќе ги зајакне врските со Западен Балкан?

admin

Нов студентски протест за правосудниот испит на албански јазик

admin

СПАСОВСКИ ЌЕ ГИ НАГРАДИ ПОЛИЦАЈЦИТЕ КОИ БЕА НА ТЕРЕН ЗА ЧЕСТВУВАЊЕТО НА РОДЕНДЕНОТ НА ДЕЛЧЕВ

ninja

Илјадници граѓани без валидни документи

admin