30.8 C
Скопје
21 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски го нападна Абази: „Случајот не е завршен, може повторно да се отвори“

Премиерот Христијан Мицкоски остро ја критикуваше одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да го затвори предметот за изградбата на 19-те модуларни болници, оценувајќи дека случајот не е завршен и може повторно да биде отворен доколку се појават нови докази.

Обвинителството претходно соопшти дека по повеќегодишни проверки и анализа на документацијата не утврдило основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување или за друго кривично дело кое се гони по службена должност во врска со јавните набавки.

Мицкоски рече дека станува збор за процес кој траел пет години и потсети дека во пожарот во модуларната болница во Тетово во септември 2021 година загинаа 14 лица.

„Во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам, живи гореа 14 луѓе“, рече Мицкоски.

Премиерот упати тешки обвинувања кон шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, тврдејќи дека со затворањето на предметот ги исполнува своите „должничко-доверителски односи кон претходната влада“. Мицкоски не презентираше докази во прилог на ова тврдење.

„Одлучува овој процес да го стопира“, рече Мицкоски, оценувајќи ја одлуката како една од „скандалозните одлуки“ во правосудниот систем.

Мицкоски рече дека затворањето на предметот не значи дека случајот не може повторно да биде предмет на истрага.

„Секогаш можат да се појават нови детали кои се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и да се покрене од самиот почеток“, рече тој.

Изјавата следува откако лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство Венко Филипче рече дека одлуката на Обвинителството покажува оти во постапката немало злоупотреба на службената должност ниту штета на буџетот.

Филипче го обвини Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека пет години ја користеле трагедијата за политички напади врз него и побара извинување до семејствата на загинатите.

Мицкоски, пак, ја критикуваше опозицијата поради нејзиниот однос кон правосудството.

„До вчера тие што го критикуваа односот на правосудните органи, сега ги фалат и се полни со хвалоспеви за нивната работа и таканаречената ‘објективност’“, рече премиерот.

Во пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица. Предметот за јавните набавки за модуларните болници беше отворен два дена подоцна, по допрен глас.

Related posts

Незири: Извештајот за напредок на С.Македонија ќе помине без измени во Европскиот парламент

admin

Што кажа Путин на годишната прес конференција

admin

ДУИ: Македонија станува „третата српска република“

admin

Постери во Белград ја прикажуваат С Македонија како дел на на „Голема Србија“

admin

Историски пресврт во Газа? Хамас прифатил план за предавање на оружјето

admin

Меџити: Почната е демонтажата на Ахмети, ДУИ повеќе нема капацитет за реформи

admin