Државниот архив потсети на почетокот на Илинденското востание во 1903 година, оценувајќи го како еден од најзначајните настани во македонската историја.
„Водени од идеалите за слобода и сопствена држава, македонските револуционери ја започнаа борбата која остави траен белег во колективната меморија на нашиот народ“, соопшти Државниот архив.
Оттаму посочуваат дека Крушевската Република останува симбол на стремежот кон слобода, еднаквост и праведно општество.
По повод празникот, Државниот архив објави избор на архивски документи и фотографии од своите фондови и збирки, кои, како што наведува, сведочат за борбата, идеалите и жртвата на илинденците и претставуваат драгоцен дел од македонското историско наследство.
„Нека е честит Илинден! Вечна слава на хероите на Илинденското востание!“, се наведува во честитката на Државниот архив.


