Соединетите Држави сакаат европските сојузници да преземат водечка улога во конвенционалната одбрана на континентот, изјави шефот за политика во Пентагон, Елбриџ Колби, додека Вашингтон спроведува ревизија на распоредувањето на американските сили во Европа.
Колби на состанок со амбасадорите на земјите-членки во седиштето на НАТО во Брисел во четвртокот рече дека Алијансата мора да се приспособи на новите безбедносни околности.
„Веруваме дека за да преживее и навистина да напредува, НАТО мора да се промени“, рече Колби, според подготвените забелешки објавени од Пентагон.
Вашингтон во јуни започна шестмесечна ревизија на распоредувањето на американските сили во Европа. Во последните недели земјите-членки на НАТО добиле и прашалник кој опфаќа прашања за трошоците за одбрана, стратегијата, воените набавки и поддршката за надворешнополитичките приоритети на САД.
Според документ во кој Ројтерс имал увид, процесот треба да произведе најмалку четири можни опции за американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет до 6 ноември, пред конечниот рок за завршување на ревизијата во декември.
Не е јасно дали процесот ќе доведе до намалување или прераспределување на американските сили во Европа.
Колби нагласи дека ревизијата не се однесува само на бројот на војници, базите и нивната географска распределба.
„Ова не е тесна ревизија само за локациите и базите, иако тие се, секако, важни“, рече тој.
Според него, целта е пошироко преиспитување на американската стратешка позиција во Европа, кое треба да „поттикне, овозможи и забрза“ премин кон поодржлива и посилна конвенционална одбрана на континентот предводена од Европејците.
Европа останува важна за САД
Колби истовремено нагласи дека Европа останува критично важна за Соединетите Држави и ги пофали сојузниците за досегашниот напредок во преземањето поголем дел од безбедносниот товар.
„Консултациите и ангажманот се витален дел од оваа ревизија. Сакаме да ве слушнеме“, им порача тој на сојузниците.
Дипломати во НАТО го опишале состанокот како позитивен, но прелиминарен.
Еден дипломат изјавил дека разговорите покажале оти процесот на пренесување поголем дел од одбранбениот товар врз европските членки веќе е во тек.
Друг европски дипломат рекол дека главната порака од сојузниците била дека Европа веќе ги зголемува своите одбранбени напори, но дека единството на Алијансата мора да остане клучен принцип.
Ревизијата внимателно се следи во европските престолнини поради прашањето дали администрацијата во Вашингтон планира долгорочно да го намали американскиот воен ангажман на континентот или процесот ќе го искористи како средство за притисок врз европските сојузници да инвестираат повеќе во сопствената одбрана.
Засега Пентагон не објави конечна одлука за бројот и распоредувањето на американските војници во Европа.

