Полицијата поднесе кривична пријава против двајца турски државјани осомничени дека во период од седум години со закани и уцени присилувале татко и син од Гостивар да им предаваат злато и да преземаат финансиски дејствија на сопствена штета, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар ги пријавила Т.Д. (55) и З.Д. (54) од Турција поради сомнение за кривично дело „изнуда“.
Според полицијата, осомничените од 2019 до 2026 година со закани присилиле 66-годишен гостиварец и неговиот 41-годишен син да им предадат вкупно 43 килограми и 800 грама изработено злато.
МВР тврди дека осомничените своеволно ја пресметувале вредноста на златото како стопена суровина, наместо како готови производи кои имале значително повисока пазарна вредност.
Случајот, според пријавата, не завршил со златото.
Во февруари 2025 година, двајцата осомничени, наводно со уцени и заканувачки пораки насочени кон синот и неговото семејство, го принудиле 66-годишниот маж да потпише преддоговор за купопродажба на недвижен имот.
Полицијата наведува дека содржината на преддоговорот не му била прочитана при потпишувањето кај нотар во Гостивар.
МВР не соопшти колкава е проценетата вкупна финансиска штета, ниту дополнителни детали за недвижниот имот што бил предмет на преддоговорот.
Наводите против двајцата турски државјани се предмет на понатамошна постапка и допрва треба да бидат докажани пред суд.

