Првостепената пресуда против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројца други поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово може да има последици што ќе одат многу подалеку од судбината на четворицата обвинети, оценува американскиот професор по право Тимоти Водерс.
Специјализираните комори на Косово во Хаг треба на 16 септември да ја изречат пресудата за Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.
Обвинителството бара по 45 години затвор за секој од нив.
Водерс, професор на Универзитетот Индијана и експерт за меѓународно кривично право кој работел и на предметот против Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, за Радио Слободна Европа вели дека формално им се суди само на четворица поединци, но дека теоријата врз која е изграден случајот има многу поширок досег.
Клучниот концепт е таканаречениот „заеднички злосторнички потфат“ – правна доктрина преку која обвинителството може да бара одговорност од лица кои не се обвинети дека лично извршиле конкретно убиство, тортура или друго злосторство.
„Технички, само овие лица се на судење“, вели Водерс. „Но во практика, ваквите процеси често се доживуваат како нешто многу пошироко – како обвинение против едно политичко или воено движење.“
Клучот е врската, не само злосторството
Според Водерс, најсложениот дел од случајот е да се докаже врската меѓу злосторствата што обвинителството тврди дека биле извршени и четворицата обвинети.
Тачи и останатите, според неговото објаснување, не се товарат затоа што лично ги извршиле сите дела опфатени со обвинението.
Затоа централното прашање е дали обвинителството успеало да покаже дека тие преку командна, политичка или одлучувачка улога биле правно поврзани со поширок модел на злосторства.
„Често е полесно да се докаже дека злосторството се случило“, вели Водерс. „Потешко е да се покаже односот меѓу тие злосторства и луѓето кои се на судење.“
Тој прави споредба со случајот на Милошевиќ, каде обвинителството исто така се обидувало да ја изгради врската преку политички односи, разговори, наредби и структура на влијание, а не преку негово физичко присуство на местата на злосторствата.
Теорија со широк досег
Токму широчината на „заедничкиот злосторнички потфат“ ја прави доктрината контроверзна.
Според Водерс, таа им овозможува на обвинителите да поврзат повеќе лица и повеќе дела во една поширока криминална цел, без да мора за секој обвинет поединечно да докажат директна врска со секој конкретен чин.
Поради тоа, вели тој, импликациите од пресудата теоретски може да се протегаат и врз други лица кои биле дел од политичката или воената структура, иако тоа не значи дека тие автоматски би биле обвинети или судени.
Токму ова е и причината зошто судењето во Косово често се доживува како повеќе од процес против четворица поединци.
За многу Косовци, секоја пресуда што пошироко ќе ја прифати обвинителската теза може да биде сфатена како оценка за самата ОВК и нејзината улога во војната.
Што ако бидат ослободени?
Водерс смета дека и ослободителна пресуда би имала далекусежни политички последици.
Правно, тоа би значело дека обвинителството не успеало да ја докаже вината надвор од разумно сомнение.
Политички, меѓутоа, ваквиот исход би можел да биде интерпретиран како неуспех на целиот проект на Специјализираните комори, особено од оние што очекуваат судот да произведе поширока историска правда.
Според Водерс, меѓународните кривични судови често имаат амбиција не само да ја утврдат индивидуалната вина, туку и да придонесат за поширока вистина и помирување.
Тој е скептичен дека тоа навистина функционира.
„Една ослободителна пресуда не мора да значи дека системот потфрлил“, вели тој. „Но многумина би ја доживеале токму така.“
А ако бидат осудени?
И осудителната пресуда би била предмет на силно спротивставени толкувања.
Во Србија, според Водерс, дел од политичките и општествените актери би можеле да ја користат како доказ дека ОВК како целина била криминална организација.
Во Косово, пак, многумина веројатно би ја отфрлиле таквата поширока интерпретација и би тврделе дека се работи за пресуда против четворица конкретни луѓе, а не против самата војна за ослободување.
Водерс вели дека токму ваквите различни етнички и национални читања биле вообичаени и кај пресудите за војните во Хрватска, Босна и Косово.
Наместо да создадат заедничка историска рамка, тие често ги зацврстувале веќе постоечките национални наративи.
Пресудата како правен и политички тест
Од меѓународно-правна перспектива, пресудата ќе биде внимателно анализирана поради тоа како судиите ќе ја применат доктрината на заеднички злосторнички потфат.
Правниците ќе следат кои делови од аргументите на обвинителството ќе бидат прифатени, кои ќе бидат отфрлени и дали судот ќе постави нови граници за користењето на оваа правна теорија.
За пошироката јавност, сепак, најважен ќе биде исходот.
Пресудата ќе има директни политички последици во Косово, може да влијае врз односите со Србија и ќе биде внимателно следена од западните сојузници кои со години го поддржуваат работата на Специјализираните комори.
Поради тоа, случајот против Тачи, Весели, Селими и Красниќи е истовремено судење за индивидуална кривична одговорност и тест за тоа колку далеку може да оди меѓународното кривично право кога се обидува да ја поврзе политичката и воената хиерархија со злосторства извршени на терен.

