Владата разговара со шест компании за можни инвестиции во дата-центри и високотехнолошкиот сектор во Северна Македонија, меѓу кои и со основачот на платформата „Рамбл“, Крис Павловски, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.
Мицкоски не ги откри имињата на останатите пет компании, ниту вредноста, локацијата или фазата во која се наоѓаат разговорите за потенцијалните инвестиции.
Тој рече дека развојот на високата технологија и дата-центрите е „неповратен процес“ и дека државата треба да најде начин од него да извлече максимална економска корист.
„Човештвото ќе се движи во таа насока. Прашањето е како да го канализираме овој процес и да извлечеме максимум од него“, рече Мицкоски.
Дата-центри со воздушно и фреонско ладење
Премиерот се осврна и на прашањата за потрошувачката на вода и влијанието на дата-центрите врз животната средина, оценувајќи дека дел од јавната дебата се води без доволно познавање на технологијата.
„Сите кои не се разбираат во високата технологија зборуваат за бучава, за водено ладење. Ние сега имаме и воздушно ладење, и фреонско ладење“, рече Мицкоски.
Тој не соопшти каква конкретна технологија би користеле потенцијалните дата-центри во земјата, колкава би била нивната потрошувачка на електрична енергија и дали веќе се определени можни локации.
Овие параметри би биле клучни за проценка на економското и еколошкото влијание на секој конкретен проект.
Три столба на новиот економски модел
Мицкоски ја постави високата технологија како еден од трите столба врз кои Владата сака да го темели долгорочниот економски развој.
Првиот е патната и железничката инфраструктура, вториот е енергетиката – производните капацитети и преносните системи – а третиот се високата технологија и дата-центрите.
Според премиерот, дел од стратегијата е и диверзификација на преработувачката индустрија.
Тој рече дека значаен дел од странските инвестиции привлечени во периодот од 2008 до 2012 година биле концентрирани во автомобилската индустрија, но дека глобалните услови во овој сектор се менуваат.
„Таму работите се менуваат, и работиме на диверсификација на ова портфолио“, рече Мицкоски.
Помалку работници, индустрии со поголема додадена вредност
Премиерот очекува недостигот од работна сила во земјата дополнително да се зголемува, поради што, според него, економијата треба да се насочи кон индустрии со повисока продуктивност и поголема додадена вредност.
„На нас ни треба високотехнолошка индустрија, со голема додадена вредност, со која ќе го зголемиме бруто домашниот производ и ќе го зголемуваме стандардот на граѓаните“, рече тој.
Мицкоски оцени дека трансформацијата не може да заврши во еден владин мандат и дека треба да стане долгорочна национална стратегија која би се спроведувала во повеќе мандати, без оглед на тоа кој е на власт.
Најавата за разговори со шест компании засега не значи дека се договорени инвестиции. Владата не соопшти дали се потпишани меморандуми или други договори, колку би инвестирале компаниите, колку работни места би отвориле ниту колку електрична енергија би им била потребна на планираните дата-центри.

