Повеќе од две децении по вклучувањето на Северна Македонија во Болоњскиот процес, високото образование и понатаму се соочува со проблеми што ги засегаат мобилноста на студентите и академскиот кадар, универзитетската автономија, поврзаноста со пазарот на трудот и квалитетот на образованието. Експертите и поранешните универзитетски раководители оценуваат дека реформите се спроведувале повеќе во формален отколку во суштински аспект, додека недостигот од анализи на пазарот на трудот и бирократските процедури ризикуваат дополнително да го продлабочат јазот меѓу универзитетот и економијата.
Кога Северна Македонија се приклучи кон Болоњскиот процес во 2003 година, очекувањата беа големи во насока на создавање систем на високо образование усогласен со европските стандарди, зголемување на мобилноста на студентите и академскиот кадар, поголема флексибилност на студирањето и посилно поврзување на универзитетите со потребите на економијата.
Но, повеќе од две децении подоцна, останува прашањето до кој степен овие цели се реализирани во практиката.
Азиз Положани, кој во тоа време, како министер за образование и наука, го потпиша Болоњскиот процес, вели дека целта била системот на високото образование да се приспособи кон моделите што одговараат на европската економија.
“Јас го потпишав Болоњскиот процес како министер. Всушност, наша цел беше преку него да се приспособиме кон моделите на високото образование кои се во согласност со потребите на европската економија“, вели Положани.
Болоњскиот процес, повеќе форма отколку суштина
Еден од главните проблеми, според соговорниците, е тоа што принципите на Болоњскиот процес главно се прифатени во формален аспект, додека суштинските трансформации на системот останале недовршени.
Положани оценува дека некои земји не биле подготвени за внатрешните промени што ги барал процесот. Според него, наместо трансформација на универзитетите, во многу случаи било избрано механичко спроведување на одредени сегменти од Болоњскиот процес.
Оваа забелешка ја потврдува и поранешниот ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, кој истакнува дека Болоња не подразбирала само правни и административни промени.
“Во некои аспекти, Болоњскиот процес е спроведен, но не во неговата суштинска смисла. Овој процес подразбирал квалитативни промени во високото образование, а не само формални правни аспекти“, вели Беџети.
Според него, еден од основните принципи на Болоњскиот процес, мобилноста на студентите и академскиот кадар, не е реализиран во предвидениот обем.
Идејата била студентите да можат да слушаат предмети на други универзитети, да поминат еден семестар или дел од студиите во друга земја и да имаат можност да се движат меѓу универзитетски институции со сродни студиски програми. Но, според Беџети, оваа мобилност останува ограничена не само за студентите, туку и за академскиот кадар.
Универзитетската автономија меѓу слободата и одговорноста
Дебатата за реформите во високото образование го опфаќа и едно од најчувствителните прашања – односот меѓу универзитетската автономија и јавната одговорност.
Новиот предлог-закон за високото образование повторно го стави во центарот на вниманието прашањето како треба да се изгради овој однос. Од една страна се бараат европски стандарди, повисок квалитет и зголемување на научната продукција, додека од друга страна, дел од академската заедница изразува загриженост дека реформите би можеле да влијаат врз автономијата на универзитетите.
Дилемата, во суштина, останува како да се најде рамнотежа меѓу академската слобода и јавната одговорност.
Универзитетската автономија, во оваа смисла, не може да се разбере како изолирање на универзитетот од општеството и државата, но ниту јавната одговорност не треба да се претвори во интервенција што ја нарушува академската независност.
Нострификацијата, пречка за мобилноста
Друг проблем што доаѓа до израз е начинот на кој се третираат дипломите стекнати во странство.
Секоја година, значителен број млади се враќаат во земјата по завршувањето на студиите на европски универзитети. Но, наместо нивното враќање да биде проследено со брза интеграција на пазарот на трудот, тие често се соочуваат со долги и сложени административни процедури за признавање на дипломите.
Гордан Георгиев, претседател на ФРП, ова искуство го опишува особено критички.
“Ако мобилноста ја гледаме и од аспект на нострификацијата на дипломите, кај нас таа се третира како сè уште да сме во осумдесеттите години на минатиот век“, вели Георгиев.
Тој го споделува и своето лично искуство, откако се вратил од студиите во Франција и Англија и требало да ги нострифицира своите дипломи.
“Требаше да ги нострифицирам дипломите. Тоа беше вистински пат низ пеколот, бидејќи одиш од една во друга канцеларија и постојано ти бараат нови документи и дополнителни процедури“, вели тој.
Овие процедури, освен што ја забавуваат професионалната интеграција на лицата што студирале во странство, можат да се претворат и во дополнителен фактор што ги поттикнува повторно да ја напуштат земјата.
Универзитетот и пазарот на трудот, јаз што се продлабочува
Еден од најсериозните предизвици на системот е неусогласеноста меѓу она што го произведуваат универзитетите и она што го бара економијата.
Проблемот не е само во бројот на дипломираните студенти, туку и во нивната структура, вештините што ги стекнуваат и реалните можности за вработување по завршувањето на студиите.
Поранешниот ректор на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зенели, оценува дека студиските програми треба да ја зајакнат практичната компонента и да воспостават подиректна соработка со институциите и претпријатијата.
“Мислам дека тука треба да се зајакне не само теоретскиот аспект, туку пред сè, во некои програми, практичниот аспект да добие поголем приоритет“, вели Зенели.
Според него, во овој процес треба да бидат вклучени и самите студенти. Тие треба да имаат можност одблизу да видат како функционираат претпријатијата и кои се нивните потреби, додека компаниите треба да имаат можност да ги оценат способностите и компетенциите на студентите.
Тоа би овозможило на крајот од една студиска програма да се оценува не само што научиле студентите, туку и колку се подготвени за професионалната реалност.
Кога универзитетот создава повеќе кадри отколку што бара пазарот
Недостигот од систематско планирање на потребите на пазарот на трудот особено се забележува кај одредени професии.
Георгиев како пример ја наведува стоматологијата, споредувајќи ја состојбата во Северна Македонија со онаа во Словенија. Според него, додека Словенија дипломира околу 16–17 стоматолози годишно и однапред ги проценува потребите на пазарот, во Северна Македонија годишно дипломираат повеќе од 200 стоматолози.
Според него, доколку се утврди недостиг од професионалци во одредени области, тогаш токму тие студиски програми треба да се поддржуваат и стимулираат, наместо постојано да се создаваат кадри во области каде што нема доволно работни места.
Европските реформи бараат меритократија
Во процесот на европската интеграција, промената не може да се ограничи само на усвојување нови закони и документи.
Положани укажува дека европските вредности треба да се применуваат во практиката и дека земјата треба да ги промени механизмите преку кои знаењето и професионалните капацитети се претвораат во конкретни резултати.
Во овој процес, тој ја става меритократијата и деполитизацијата во центарот.
“Меритократијата, создавањето образовани и стручни луѓе и знаењето како критериум за добивање на заслужените позиции е еден од предусловите за подготовка“, вели Положани.
Според него, земјата има капацитети, но треба да го промени начинот на кој тие капацитети се користат и начинот на кој знаењето се применува во практиката.
Во исто време, Беџети предупредува на недостигот од капацитети и на нееднаквите стандарди во самиот образовен систем. Според него, критериумите за избор на академски кадар се девалвирани и недостигаат објективни стандарди што би гарантирале споредливо ниво на компетенции на сите универзитети.
Ова, според него, создава разлики и во рамките на земјата: дипломиран студент во Тетово треба да има знаења и компетенции споредливи со дипломиран студент во Скопје или Штип.
Северна Македонија нема недостиг од таленти, универзитети, професори и студенти. Главното прашање е дали системот е способен да ги задржи и да им создаде простор за развој.
Повеќе од две децении по почетокот на Болоњскиот процес, дебатата повеќе не се однесува само на формалното приближување кон Европа, туку и на прашањето дали универзитетите ќе успеат да станат институции што создаваат знаење, вештини и реални можности за младите.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

