Северна Македонија може до 2050 година да се намали на околу 1,2 милиони жители, предупреди академик Таки Фити, оценувајќи дека земјата веќе се соочува со сериозен демографски пад, стареење на населението и недостиг на работна сила.
Во интервју за „Трилинг“, Фити рече дека демографските промени се глобален проблем, но дека Македонија е меѓу земјите што се особено силно погодени.
„Во почетокот на 90-тите години имавме околу 2,06 милиони жители. Денес тоа е паднато на околу 1,8 милиони. Во 2050 година, според сценаријата, ќе имаме околу 1,2 милиони население. Земјата практично ќе се испразни“, рече Фити.
Фертилитетот далеку под границата за проста репродукција
Според него, една од главните причини за падот е ниската стапка на фертилитет.
Фити наведува дека таа во Македонија изнесува околу 1,44 деца по жена, далеку под нивото од околу 2,1 потребно за проста репродукција на населението.
Тој рече дека природниот прираст веќе подолго време е негативен и дека падот особено се забрзал од 2019 година наваму.
Повеќе стари отколку деца
Фити предупреди и на стареењето на населението.
„Повеќе луѓе постари од 65 години живеат во Македонија отколку деца помлади од 15 години“, рече тој.
Според него, таквата структура има директни последици врз пензискиот систем, здравството и пазарот на труд.
Недостиг од работници и погрешна структура на кадри
Фити оцени дека намалувањето на населението веќе создава недостиг од работна сила, но дека проблемот не е само квантитативен.
Според него, Македонија се соочува и со структурен дефицит – недостигаат високообразовани кадри од техничките области и среднообразован стручен кадар, додека во дел од општествените науки има вишок.
Тоа, според Фити, може да стане сериозна пречка за идниот економски развој и за усвојувањето нови технологии.
Над 700.000 граѓани надвор од земјата
Фити рече дека повеќе од 700.000 македонски граѓани живеат надвор од земјата.
„Тоа е повеќе од една третина од вкупното население. Тоа покажува дека имаме празнење на земјата“, рече тој.
Тој додаде дека Македонија тешко може да го надомести одливот преку увоз на работна сила, бидејќи странските работници главно ја гледаат земјата како транзитна станица кон Западна Европа.
Глобален проблем, но локално посилен удар
Фити посочи дека демографското стареење и падот на фертилитетот се глобални тенденции.
Според него, растот на светското население сè повеќе ќе доаѓа од субсахарска Африка, додека голем број земји во Европа и Азија веќе се соочуваат со стагнација или пад.
Тој наведе дека вакви тенденции се видливи во Кина, Јапонија, Германија и Русија, но дека за мала земја како Македонија последиците се понагласени бидејќи иселувањето дополнително го забрзува падот.
Фити и за Бугарите во Уставот
Во интервјуто Фити се осврна и на евроинтеграциите.
Тој оцени дека условот за внесување на Бугарите во Уставот веројатно ќе остане и рече дека, според него, земјата треба да го исполни тој услов.
Истовремено, рече дека би барал гаранција билатералните прашања да не се внесуваат повторно во преговарачкиот процес.

