Осмиот Дигитален самит на Западен Балкан беше отворен денеска во Херцег Нови со фокус на поврзувањето на дигиталните системи во регионот и забрзување на интеграцијата со Единствениот дигитален пазар на Европската Унија.
На собирот учествуваат претставници на владите од шесте економии на Западен Балкан, институциите на ЕУ, меѓународни организации, телекомуникациски оператори и експерти од дигиталната индустрија.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Амер Капетановиќ, рече дека следната фаза на дигиталната трансформација не треба да биде само развој на национални системи, туку нивно меѓусебно поврзување.
„Нашиот следен предизвик не е едноставно да дигитализираме шест економии. Предизвикот е да ги поврземе“, рече Капетановиќ.
Од роамингот кон дигиталните услуги
Капетановиќ го посочи укинувањето на трошоците за роаминг во Западен Балкан како еден од највидливите резултати на регионалната соработка.
Според него, истиот модел треба да се примени и во дигиталните јавни услуги, интероперабилните дигитални идентитети, телекомуникациската инфраструктура, вештачката интелигенција и кибербезбедноста.
Тој нагласи дека дигиталната соработка е дел од Заедничкиот регионален пазар и од подготовките за поблиско вклучување на регионот во Единствениот пазар на ЕУ.
„Да си заминеме од Херцег Нови со појасно чувство на одговорност за она што следува: што ќе испорача секој од нас, со кого и до кога“, рече Капетановиќ.
Дукај: Дигитализацијата не е само нова технологија
Самитот го отвори црногорскиот министер за јавна администрација Мараш Дукај, кој рече дека дигиталната трансформација треба да го промени начинот на кој работат институциите и да обезбеди поедноставни и побрзи услуги за граѓаните и компаниите.
„Дигиталната трансформација не значи само воведување нови технологии. Таа значи промена на начинот на кој функционираат нашите институции“, рече Дукај.
На отворањето се обратија и Бернар Бруне од Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, Томас Јарцомбек од германското Сојузно министерство за дигитална трансформација и модернизација на владата, директорката на Секретаријатот на ЦЕФТА Прaнвера Кастрати и извршниот директор на m:tel Зоран Миловановиќ.
ВИ, дигитални паричници и кибербезбедност
Самитот, кој продолжува и на 14 октомври, опфаќа дискусии за дигиталниот идентитет и дигиталните паричници, кибербезбедноста, вештачката интелигенција, дигиталните вештини и иднината на работата.
На агендата се и дигитализацијата на локалната самоуправа, јавните услуги, заштитата на децата на интернет, стартапите и иновациите.
Посебно внимание е посветено и на алатките за вештачка интелигенција на Европската комисија што треба да го поддржат процесот на пристапување кон ЕУ.
Самитот го организира Министерството за јавна администрација на Црна Гора, под покровителство на Владата на Црна Гора, во партнерство со Советот за регионална соработка и Европската Унија.

