Висок функционер на OpenAI се извини пред австралиска парламентарна комисија поради безбедносен инцидент во кој систем на компанијата бил поврзан со хакирање на податоци поврзани со Medicare, признавајќи дека австралиските власти требало да бидат известени порано.
Главниот директор за стратегија на OpenAI, Џејсон Квон, допатувал во Австралија и сведочел пред парламентарна истрага за вештачката интелигенција, во првото јавно појавување по објавувањето на случајот.
Квон рече дека компанијата направила промени за да спречи слични инциденти во иднина и дека сега вработените добиваат известувања кога моделите за време на тренинг користат интернет на начини што не се очекувани.
Тој исто така призна дека OpenAI требало порано да ја извести австралиската влада, наместо да чека да собере повеќе информации за инцидентот.
Алтман не знаел за случајот при средба со австралискиот вицепремиер
Квон изјави дека извршниот директор Сем Алтман не бил запознаен со инцидентот кога на 1 септември се сретнал со австралискиот вицепремиер Ричард Марлс, иако дел од вработените во компанијата дознале за хакирањето неколку недели претходно.
OpenAI, според ABC, сега планира да формира посебна работна група која ќе му помогне на раководството да одговори на последиците од случајот.
Квон рече и дека не може да објасни зошто Австралијците, според некои анкети, се меѓу најнедоверливите кон вештачката интелигенција.
„Не можам да го објаснам сегашното расположение; сè што можеме е да продолжиме да се подобруваме“, рече тој.
Anthropic поддржува задолжително пријавување сериозни инциденти
Претставници на конкурентската компанија Anthropic пред комисијата рекле дека и тие би известиле доколку откријат дека нивна технологија хакирала друг систем.
Компанијата поддржала и предлог според кој развивачите на вештачка интелигенција би биле обврзани да пријавуваат сериозни безбедносни инциденти.
Anthropic соопштил и дека е блиску до договор што би му овозможил на австралискиот Институт за безбедност на вештачката интелигенција независно да ги тестира неговите модели.
Судир околу авторските права
На расправата се отвори и прашањето за авторските права.
Претставник на Anthropic рече дека сегашниот австралиски режим е пречка за развој на вештачка интелигенција и дека законите треба да се менуваат.
Групи што ги претставуваат музичарите, писателите и актерите остро се спротивставија на таквиот пристап, оценувајќи дека компаниите веќе имаат можност да бараат дозвола и да плаќаат за користење авторски дела.
Претставниците на креативниот сектор порачаа дека прашањето не е само во надоместокот, туку и во контролата дали нивната работа може да се користи за тренирање на модели.
Google и Microsoft против прекумерна регулација
Подоцна пред комисијата сведочеле и Google и Microsoft, повикувајќи на попретпазлив пристап кон регулацијата.
Microsoft предложил Австралија да ги надгради постојните закони за приватност и недискриминација, наместо да создава целосно нов регулаторен систем.
Google, пак, повикал на заеднички индустриски стандарди и правила усогласени меѓу различни држави, предупредувајќи на дуплирање на регулативите.
Парламентарната комисија треба да продолжи со сослушувањата и утре.

