Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ги повлекле своите бомбардери од британската база РАФ Ферфорд поради „закани“ кон објектот, додека точната природа на ризикот сè уште не е јавно разјаснета.
Пентагон претходно потврди дека бомбардерите, за кои британските медиуми наведуваат дека биле околу десетина Б-1, биле вратени во нивните матични бази во САД.
„Имаше некои закани. Тие не заминаа случајно“, рече Трамп пред новинарите.
Тој додаде дека Вашингтон знае кои лица стојат зад заканите, но не ги идентификуваше. На дополнително прашање рече дека тие би можеле да бидат поврзани со Иран.
Американски медиуми претходно објавија дека одлуката можеби била донесена врз основа на разузнавачки информации за можен напад со дронови. Би-Би-Си наведува дека не успеала независно да го потврди тоа.
Инцидентот кај базата под истрага
РАФ Ферфорд се најде во центарот на антитерористичка истрага откако на 27 септември полицијата била известена за три сомнителни возила во близина на базата.
Петмина мажи првично биле уапсени под сомнение за терористички дела и подоцна пуштени со кауција. Подоцна бил уапсен и маж со британско-иранско државјанство, кој исто така бил пуштен со кауција.
Британски извори не ја оспориле поврзаноста меѓу инцидентот и американската одлука за преместување на авионите, но британската влада истовремено инсистира дека базата е безбедна.
Различни пораки од Вашингтон
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека бомбардерите биле преместени „од претпазливост“, додека државниот секретар Марко Рубио беше повнимателен и рече дека ротирањето и преместувањето на воените средства е вообичаена практика.
Рубио избегна директно да го поврзе инцидентот кај Ферфорд со повлекувањето на бомбардерите.
Тој истовремено рече дека САД и натаму имаат целосна доверба во безбедноста на нивните бази и во соработката со британските власти.
Иран негира вмешаност
Иран категорично негира дека бил вмешан во инцидентот.
Техеран претходно предупреди дека секоја база што би била користена за напади врз иранска територија може да се смета за легитимна воена цел.
РАФ Ферфорд со децении се користи како истурена оперативна база на американското воено воздухопловство. Во последните месеци од таму летале бомбардери Б-1 и Б-52 во мисии поврзани со Блискиот Исток.
Според експерт од британскиот институт RUSI, преместувањето на авионите ја намалува способноста на САД брзо да изведуваат поголем број мисии против Иран, иако дел од капацитетот може да биде префрлен кон други бази.

