Предложените измени на Законот за животната средина предизвикаа силни реакции од еколошките организации и опозицијата, кои предупредуваат дека со бришење на дел од постојните механизми се намалува заштитата од загадување и се олеснува работата на тешка индустрија во близина на населени места.
„Зелен хуман град“ соопшти дека измените предвидуваат бришење одредби што се однесуваат на идентификација, управување и санација на контаминирани подрачја.
Организацијата оцени дека со тоа се ослабуваат механизмите за справување со т.н. жешки еколошки точки и дека последиците би можеле да се одразат врз животната средина и здравјето на граѓаните.
Слични реакции објавија и други еколошки организации, меѓу кои „Еко-свест“, кои бараат измените да бидат преиспитани пред нивното усвојување.
Левица побара законот да се повлече од дневен ред
Пратеничката Јована Мојсоска од Левица на собраниската седница побара предложените измени да бидат тргнати од дневниот ред.
Таа оцени дека со нив повторно се создава можност за рестартирање или реконструкција на тешка индустрија во близина на населени места.
Од Левица предупредија и дека измените се предлагаат со европско знаменце, иако, според нив, дел од одредбите ја намалуваат постојната еколошка заштита.
Законот помина низ две комисии
Предлог-измените претходно добиле по осум гласа „за“ во Комисијата за европски прашања и во Законодавно-правната комисија.
Членовите на комисиите го оцениле законот како прифатлив од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската Унија и препорачале да продолжи во натамошна собраниска постапка.
Критичарите, сепак, го оспоруваат токму европското образложение и бараат да се утврди кои одредби произлегуваат од обврските кон ЕУ, а кои се домашни интервенции во постојниот закон.

