Премиерот Христијан Мицкоски предупреди на можни обиди за дестабилизација на Северна Македонија преку пренесување на политичките и општествените тензии од соседните земји, оценувајќи дека разни служби би можеле да дејствуваат во регионот.
Во обраќањето на свечената академија по повод Денот на македонската револуционерна борба, Мицкоски изјави дека Европа се соочува со зголемени тензии и насилни протести, а Балканот останува изложен на политички и безбедносни ризици.
„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека не би го изненадиле обиди земјата да биде вовлечена во политичките проблеми на други држави.
„Нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, изјави премиерот.
Обвинувања кон дел од опозицијата
Мицкоски тврдеше дека во земјата постојат политички актери кои би можеле да учествуваат во такви активности.
„Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да прават“, рече тој.
Премиерот не наведе имиња на политичари, служби или држави што би стоеле зад евентуалните обиди за дестабилизација, ниту претстави конкретни информации за подготовка на такви активности.
Тој ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и на, како што рече, вештачки наметнати етнички прашања.
„Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме“, порача Мицкоски.
Бугарија обвинета дека ја користи ЕУ за притисок
Значаен дел од обраќањето премиерот посвети на спорот со Бугарија и блокадата на македонските евроинтеграции.
Мицкоски оцени дека Софија почнала да поставува барања поврзани со македонскиот идентитет и историја откако станала членка на Европската Унија.
„Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи“, рече премиерот.
Според него, Бугарија го користи правото на одлучување во Унијата за да влијае врз толкувањето на историските личности и настани што имаат значење за македонскиот национален идентитет.
Тој ги спомена Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Карев и Ѓорче Петров како личности околу кои постојат спротивставени историски толкувања меѓу Скопје и Софија.
„Оние кои се шнајдери на историјата, што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување“, рече Мицкоски.
„Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ“, додаде тој.
Европската интеграција останува стратешка цел
И покрај критиките кон Бугарија, Мицкоски повтори дека членството во Европската Унија останува стратешка определба на Владата.
Според него, искуството со бугарските блокади покажува колку е важно Северна Македонија да стане полноправна членка на Унијата и да учествува во носењето одлуки.
Премиерот рече дека политиката на Владата треба да биде насочена кон обезбедување подобра иднина за граѓаните, а не кон постојано отворање на историските спорови.
„Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека ќе продолжи да води политика што ја опиша како промакедонска, со акцент на националните интереси и европската перспектива на земјата.
Обраќањето доаѓа еден ден по Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, каде што европските лидери повторно повикаа на забрзување на реформите и надминување на политичките блокади во Западен Балкан.
Северна Македонија останува во застој во пристапниот процес поради неспроведените уставни измени за вклучување на бугарската заедница, додека Владата бара дополнителни гаранции пред исполнувањето на таа обврска.

