9.8 C
Скопје
5 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Брисел предупредува: Корупциските предмети застаруваат, судството е под политички притисок – кој ќе одговара?

Северна Македонија не постигнала напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во изминатата година, додека високопрофилните случаи продолжуваат да се одложуваат и често застаруваат, зајакнувајќи го впечатокот за неказнивост, оценува Европската комисија во Извештајот за 2026 година.

Во документот објавен на 4 ноември, Брисел предупредува дека законските измени, политичките влијанија врз правосудните институции и недостигот од финансиски и човечки ресурси ја ограничуваат способноста на државата ефикасно да ги истражува, гони и санкционира корупциските дела.

„Корупцијата останува широко распространета и претставува прашање од сериозна загриженост“, констатира Европската комисија.

Оценката доаѓа и покрај одредените законодавни реформи во судството, вклучувајќи ги новите закони за Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.

Според Комисијата, основниот проблем повеќе не е само постоењето на закони и институции, туку нивната способност да обезбедат независно, навремено и ефикасно постапување, особено кога предметите се однесуваат на високи функционери и злоупотреба на јавни средства.

Новите измени на Кривичниот законик не ги поправиле старите последици

Една од најострите критики се однесува на измените на Кривичниот законик.

Европската комисија оценува дека измените донесени во јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба и злосторничкото здружување, не ги отстраниле негативните последици од законските измени во 2023 година.

Напротив, според Брисел, тие придонеле за дополнителна правна несигурност.

Комисијата посебно го проблематизира начинот на кој повторно е уредено кривичното дело злоупотреба на службената положба при јавните набавки.

Иако во законодавството е вратена посебна одредба за злоупотреби при тендерските постапки, нејзиниот опфат е значително потесен од законската рамка што постоела пред 2023 година.

Според извештајот, новото решение опфаќа само две основи на кривична одговорност, што не е доволно за санкционирање на други сериозни манипулации во постапките за јавни набавки.

Комисијата предупредува и дека законските измени не ги решиле соодветно последиците поврзани со роковите на застарување.

Тоа е особено важно за предметите за висока корупција, каде што долготрајните постапки и законските промени можат да влијаат врз можноста за донесување правосилни пресуди.

Во последните три години Кривичниот законик бил менуван трипати, што според Брисел дополнително ја нарушува правната сигурност.

Истраги има, но резултатите остануваат ограничени

Европската комисија забележува дека биле започнати повеќе истраги за злоупотреба на јавни средства и други форми на корупција.

Дел од постапките резултирале со обвиненија, вклучително и случај поврзан со раководството на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во извештајот се споменува и судска постапка против поранешен вицепремиер, кој по меѓународна потерница се вратил во земјата и бил ставен во домашен притвор.

Но Комисијата предупредува дека значителните системски слабости остануваат, особено во претворањето на истрагите во ефективни судски постапки, правосилни пресуди и враќање на незаконски стекнатите средства.

Според Брисел, квалитетот на обвиненијата, изведувањето на доказите и образложенијата на судските пресуди се слаби и неусогласени.

Овие проблеми влијаат и врз предметите што потекнуваат од поранешното Специјално јавно обвинителство.

Наместо да придонесат за зголемена доверба во правосудството, долгите постапки и ограничените резултати го одржуваат впечатокот дека лицата осомничени за висока корупција можат да избегнат одговорност.

Антикорупциската стратегија со само 23 проценти реализација

Посебен проблем е бавното спроведување на антикорупциските политики.

Според извештајот, во 2025 година биле целосно реализирани само 23 проценти од планираните активности во рамките на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Тоа претставува мало подобрување во однос на 2024 година, кога биле реализирани 18 проценти од активностите, но е далеку од целосно спроведување на предвидените мерки.

Комисијата ги посочува одложените законски реформи, слабата институционална одговорност, недоволната меѓуинституционална координација и зависноста од донаторско финансирање како причини за слабите резултати.

Новата стратегија за периодот 2026–2030 година била доставена до Собранието, но до крајот на извештајниот период не била усвоена.

Брисел нагласува дека донесувањето стратешки документи нема значење доколку институциите не обезбедат средства, кадровски капацитети и механизми за следење на нивното спроведување.

Антикорупциската комисија не открива доволно случаи самостојно

Европската комисија оценува дека Државната комисија за спречување на корупцијата има воспоставена институционална рамка, но не е доволно проактивна во идентификувањето можни злоупотреби.

Особено се издвојува потребата од подобра контрола на јавните набавки, финансирањето на политичките кампањи и имотната состојба на функционерите.

Според извештајот, институцијата се соочува со недостиг од стручни кадри, недоволни технички капацитети и ограничена поврзаност меѓу базите на податоци.

Тоа ја отежнува проверката на имотните пријави и откривањето можни судири на интереси.

Дополнителен проблем е што наодите на Антикорупциската комисија често не добиваат соодветно продолжение од другите надлежни институции.

Брисел посочува и дека меѓуинституционалното тело за координација на антикорупциските активности не одржало официјална седница по неговото конституирање во април 2025 година.

Ова покажува дека проблемите со координацијата постојат и во самите институции задолжени за спречување и санкционирање на корупцијата.

Врховниот суд и судиите реагирале на политичките притисоци

Во делот за независноста на судството, Европската комисија предупредува дека надворешните и политичките вмешувања продолжуваат да претставуваат сериозен проблем.

Според извештајот, јавните изјави на високи политички функционери за најавено „прочистување“ на судството и обвинителството, придружени со лични критики кон судии и обвинители, претставуваат недозволено влијание и заплашување.

Како особено значаен настан се издвојува заедничката реакција од ноември 2025 година на Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии.

Трите институции реагирале на постојаните и неосновани јавни критики од највисоките нивоа на власта.

Во нивната реакција било предупредено дека таквите изјави го поткопуваат демократскиот принцип на поделба на власта и независноста на правосудството.

Комисијата оценува дека недозволеното политичко влијание ја ослабува довербата во судските институции, која и понатаму останува на многу ниско ниво.

Постапката за смена на државниот обвинител отвори прашања за политизација

Европската комисија посебно ја анализира и постапката за разрешување на државниот јавен обвинител.

Во декември 2025 година Владата усвоила нов предлог за разрешување, продолжувајќи ја постапката започната во февруари истата година, која претходно била прекината по трагедијата во Кочани.

Советот на јавните обвинители повторно дал негативно мислење за предлогот.

Државниот јавен обвинител поднел оставка пред Собранието да гласа за неговото разрешување.

Според Европската комисија, постапката покажала можности за политизација и слабости во законската рамка за разрешување на највисокиот обвинителски функционер.

Нов државен јавен обвинител бил избран во март 2026 година, по предлог на Владата.

Брисел бара дополнителни измени на Законот за јавното обвинителство, особено за појаснување на основите и постапката за разрешување на државниот обвинител.

Недостигаат 221 судија и 67 обвинители

Кризата во судството не е поврзана само со политичките притисоци и законската рамка.

Европската комисија предупредува дека сериозниот недостиг од судии, обвинители и стручни соработници ја ограничува можноста за ефикасно постапување.

Според извештајот, во судовите се пополнети само 38 проценти од проценетите работни места.

Институционалните процени укажуваат дека се потребни уште 221 судија и 67 јавни обвинители.

Недостигот од кадар придонесува за зголемување на бројот на нерешени предмети и за продолжување на времетраењето на судските постапки.

Дополнителен удар врз обновувањето на кадарот е поништувањето на постапката за прием на 130 кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители.

Причината, според извештајот, биле недоволните средства предвидени во Буџетот за 2026 година.

Поради ваквата одлука, нови кандидати нема да бидат достапни пред 2028 година.

Комисијата предупредува дека Академијата треба да остане единствената влезна точка за судиската и обвинителската професија и дека недостатокот на кадри не смее да биде причина за намалување на стандардите за обука.

За судството само 0,29 проценти од БДП

Недоволното финансирање е еден од најконкретните показатели за институционалната слабост.

Според Европската комисија, во Буџетот за 2026 година за судовите биле издвоени средства во висина од 0,29 проценти од БДП.

Законски предвиденото ниво изнесува 0,8 проценти од БДП.

Тоа значи дека одобрените средства изнесуваат нешто повеќе од една третина од законски предвиденото ниво.

За Јавното обвинителство биле издвоени 0,24 проценти од државниот буџет, наспроти законски предвидените 0,4 проценти.

Комисијата предупредува дека ваквото финансирање ја загрозува финансиската автономија и го отежнува ефикасното функционирање на правосудните институции.

Во истиот период биле донесени и законски измени со кои дополнително се намалени коефициентите за платите на судиите, обвинителите и членовите на правосудните совети.

Според Брисел, овие мерки дополнително ја оптоваруваат независноста на правосудниот систем.

Конфискацијата останува една од најслабите алки

Европската комисија предупредува дека државата и понатаму има сериозни проблеми со одземањето на имот стекнат преку криминал.

Во 2025 година бил запленет имот во вредност од приближно 32 милиони евра, наспроти шест милиони евра во 2024 година.

Но вредноста на имотот што бил конфискуван во 2025 година изнесувала само околу 900.000 евра, во споредба со пет милиони евра во 2024 година.

Запленувањето е привремена мерка, додека конфискацијата претставува одземање на имот врз правна основа, па овие показатели не се директно споредливи како стапка на успешност за истите предмети.

Сепак, податоците го илустрираат проблемот што го истакнува Комисијата: истрагите и привремените мерки не се доволни доколку не следуваат ефективни судски постапки и конечна конфискација на незаконски стекнатиот имот.

Брисел бара зајакнување на финансиските истраги, подобра соработка меѓу обвинителството и надлежните органи и посилни институционални капацитети за следење и одземање криминален имот.

Европската комисија признава и одредени реформи

И покрај критиките, извештајот не констатира целосно отсуство на активности во правосудството.

Комисијата бележи одреден напредок во судските реформи, особено со донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет, кој во голема мера ги адресирал препораките на Венецијанската комисија.

Донесен е и нов Закон за Советот на јавните обвинители, а направени се и законски промени во граѓанската постапка и платите во правосудството.

Сепак, донесувањето нови закони не ги решава автоматски проблемите со политичкото влијание, недоволното финансирање и ограничената институционална ефикасност.

Законите се менуваат, но одговорноста останува неизвесна

Наодите на Европската комисија укажуваат на поврзаност меѓу три системски слабости.

Првата е правната несигурност што произлегува од честите измени на Кривичниот законик и нивните последици врз корупциските предмети.

Втората е недоволната независност на судството и обвинителството во услови на политички притисоци и финансиска зависност.

Третата е ограничениот капацитет на институциите да ги доведат истрагите до правосилни пресуди и ефективна конфискација.

За Европската комисија, Северна Македонија треба да ги забрза судските реформи, да донесе нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка, да обезбеди доволно средства и кадар и да ги подобри резултатите во предметите за висока корупција.

Извештајот со тоа поставува суштинско прашање за владеењето на правото во земјата: дали институционалните реформи ќе донесат реална одговорност или законските промени повторно ќе останат без резултати во судниците.

Related posts

Си и Вучиќ ја зацврстуваат „челичната врска“ меѓу Пекинг и Белград

admin

Холандскиот амбасадор Коп: Не чекате вие, ЕУ ве чека 15 години да ги спроведете реформите

admin

Кампанја на Фондацијата на УЈИЕ: Економско зајакнување на жените – предуслов за развој

admin

Партиите против закон за „победник со победник“ по калап на Ахмети

admin

С. Македонија ги укинува царините за американски стоки

admin

Катастрофален пожар во кинеска фабрика: Работници останаа заробени на покривот

admin