Албанската политичка сцена во Северна Македонија би можела да влезе во нов период на прегрупирање, со можност за поизразено политичко организирање околу три блока и појава на нови политички иницијативи.
Според извори на Инбокс7 кои се дел од тековните политички разговори, се разгледуваат најмалку два нови политички движења, кои се очекуваат да бидат промовирани до крајот на годината. Потенцијалното прегрупирање, пак, би можело да се одвива околу Демократската унија за интеграција (ДУИ), владејачкиот ВЛЕН и Албанската лига предводена од Зијадин Села.
Засега нема официјални најави за конечната структура на новите иницијативи, ниту потврдени договори за нивно политичко поврзување.
Можните промени доаѓаат во период кога партиите ја преиспитуваат својата организација, политичките сојузништва и позициите во однос на следните парламентарни избори, кои постои голема можност да бидат предвремени и да се одржат во месец април 2027 година.
ДУИ, предводена од Али Ахмети, настојува да ја зачува својата позиција во опозицијата и влијанието во албанскиот електорат, додека ВЛЕН ја консолидира својата политичка структура како дел од владејачкото мнозинство.
Албанската лига на Зијадин Села, која произлезе од поделбите во Алијанса за Албанците, настојува да прерасне во уште еден политички центар што би можел да има значајна улога во идното преструктурирање. Села во март годинава го најави формирањето на новата партија, по судскиот спор за партиското раководство на Алијанса за Албанците.
Артан Груби размислува за враќање
Посебен фактор во можните прегрупирања би можел да биде поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој повеќе не е дел од раководната структура на ДУИ. Според информации за неговите намери, Груби планира повторно политички да се активира по завршувањето на судската постапка за случајот „Државна лотарија“.
Неговата првична опција, доколку биде правосилно ослободен од обвинението, би била да побара враќање на високата партиска функција од која претходно се повлече. Таквиот развој би зависел и од одлуките на партиското раководство на ДУИ. Како алтернативна можност, лица запознаени со политичките размислувања во неговото опкружување не ја исклучуваат идејата за формирање ново политичко движење.
Засега нема јавна потврда дека Груби донел конечна одлука за неговото враќање во политиката или дека започнал формални активности за формирање на ново политичко движење.
Против Груби се води судски процес во предметот „Државна лотарија“, во кој е обвинет заедно со поранешниот директор на претпријатието, Перпарим Бајрами, и уште шест лица. Обвинението се однесува на наводни злоупотреби на службените овластувања и штета за претпријатието од над 596 милиони денари. Обвинетите негираат вина. Последното рочиште, закажано за 6 ноември, беше одложено, а продолжувањето на судењето е предвидено за 11 ноември.
Во политичкото опкружување на Груби постојат очекувања за поволен судски исход, додека нивните проценки велат дека тој сеуште ужива подршка, особено кај помладата популација.
Можни промени во односите меѓу партиите
Евентуалното враќање на Груби во ДУИ би можело да отвори прашања за внатрешната распределба на политичкото влијание и за идната организација на партијата. Од друга страна, формирањето посебно политичко движење би додало нов актер на веќе поделениот албански политички простор.
Ваквите сценарија би можеле да влијаат врз идните коалициски преговори, но нивната реализација ќе зависи од одлуките на партиските раководства и од поддршката што евентуалните нови иницијативи ќе ја добијат. Засега останува отворено дали политичкото прегрупирање ќе резултира со три постабилни блока или со дополнително фрагментирање на албанската политичка сцена.
Едно од сценаријата што се споменува во неколку портали на албански јазик е ВЛЕН да не успее да го задржи сегашното единство. Во таков случај, се споменува можноста Изет Меџити да продолжи со неговата партија Демократски сојуз (ДС), додека Биљал Касами како БЕСА да ја преиспита соработката со владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Овие две можности имаат различни политички последици. Евентуалното одвојување на Меџити би влијаело врз организациската структура и политичката тежина на ВЛЕН, а истовремено би ја отворила опцијата за можна коалиција со ДУИ, од каде што излезе во 2023 година.
Можноста за внатрешни поделби не е нова тема. Уште пред формалното обединување на ВЛЕН, во јавноста се појавуваа информации за несогласувања околу моделот на раководење и распределбата на политичкото влијание. Подоцнежното обединување требаше да ги надмине разликите меѓу партиските структури, но прашањето за нивната долгорочна политичка кохезија продолжува да биде предмет на јавни дебати.

