23.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ахмети не верува дека Села ќе излезе од ЕФ, вели дека Таравари се опаметил

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, изјави дека коалицијата Европски фронт (ЕФ) останува обединета, негирајќи ги шпекулациите за можен излез на Алијанса за Албанците (АА) и нејзиниот лидер Зиадин Села.

„Гласини за заминување слушаме од моментот кога се ‘парфумираа’ парламентарните избори. Денеска наводно си заминале тројца пратеници од ДУИ, утре двајца од Фронтот. Со такви легенди не се занимавам. Со господинот Села сум во секојдневна комуникација и тој е во тек со сè, исто како и јас“, рече Ахмети.

Неговата изјава доаѓа откако лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами, изјави дека е во контакт со Села и не ја исклучи можноста тој да го напушти Фронтот.

Ахмети потврди дека имал телефонски разговор со лидерот на АА, Арбен Таравари, истакнувајќи дека и другите албански партии на власт треба да ја следат неговата линија, како реакција на, како што рече, „антиалбанските политики“ на актуелната влада.

„Со вклучувањето на ВЛЕН во власта, Албанците се понижени. Им упативме повик да ги напуштат институциите и да не бидат дел од девалвацијата на албанската позиција во Северна Македонија. Изгледа господинот Таравари го сфатил тоа. Се надевам дека и другите ќе разберат“, рече Ахмети.

Изјавите следат во услови на шпекулации за можен раскол во коалицијата ВЛЕН, каде Таравари изрази незадоволство од партнерите, наведувајќи дека сакал АА да настапи со посебни листи на локалните избори. Според Ахмети, неговото незадоволство е последица на вклучувањето во владата.

Во реакција, членот на ВЛЕН, Висар Ганиу, го обвини Таравари за политичка „предавство“ и најави поделби меѓу пратениците на ВЛЕН и оние на АА.

„Тој нема да победи ниту една општина сам. Оваа поделеност е само изговор за приклучување кон ДУИ. За тоа не треба да дава отчет на ВЛЕН, туку на 107.000 гласачи кои гласаа за промена“, изјави Ганиу за ТВ Алсат.

Тој додаде дека соработка со пратениците на АА нема да биде прифатлива ако тие ѝ се приближат на ДУИ. „Нема да дозволиме ДУИ да има нога во владата преку нив“, рече Ганиу.

Во меѓувреме, тој потврди дека ВЛЕН ќе настапи со заеднички листи на локалните избори во општините со мнозинско албанско население, а во дел од нив ќе номинира натпартиски кандидати.

Лидерот на БЕСА, Билал Касами, во интервју за весникот ЛАЈМ, изрази уверување дека ВЛЕН ќе ја добие општината Струга и можеби сите албански општини, од Струга до Липково. „Со оваа клима и со кандидатите за кои разговараме, многу е веројатно дека ВЛЕН ќе победи во сите овие општини“, рече Касами.

 

Related posts

Светот во најопасна точка од Студената војна наваму

admin

Брат на загинатата во Карпош ја обвини државата за системски пропусти, Обвинителството отвори истрага

admin

НЕПРИФАТЛИВО ИНСТАЛИРАЊЕ НА ТУЃ ПРОБЛЕМ НА МАКЕДОНСКО ТЛО

ninja

Што предвидуваат новите планови на Трамп за Месечината и вселената

admin

ЕУ комесарката Лахбиб: Израел можеби има потреба од ново раководство за да донесе мир

admin

Стабилна влада во Софија за конструктивно решение со Скопје

admin