Новинарот на BBC, Гери О’Донохју, добил изненаден ноќен повик од претседателот на САД, Доналд Трамп, по повод една година од обидот за атентат врз него во Батлер, Пенсилванија, откривајќи детали од приватниот разговор што се водел преку телефон.
„Бев во длабок сон кога Белата куќа ме побара“, изјави О’Донохју, чие извештавање за атентатот привлекло глобално внимание. Според него, повикот се случил откако повеќедневните обиди за интервју со претседателот останале без успех.
Разговорот, кој траел речиси 20 минути, се одвивал откако секретарката за медиуми Каролин Левит го поврзала новинарот со претседателот. Трамп зборувал за настанот во Батлер, односите со Владимир Путин, ставот кон НАТО и неговиот нов однос со Велика Британија.
Трамп, познат по тоа што преферира спонтани телефонски разговори наместо интервјуа пред камера, звучел трезвено и емоционално кога зборувал за обидот за атентат.
„Не ми се допаѓа да размислувам многу за тоа, бидејќи ако го правам тоа, може да ми ја смени целосно животната перспектива – а не сакам да се случи тоа“, рекол Трамп. Тој додал дека се потпира на „моќта на позитивното размислување или моќта на неразмислување за негативното“.
Запрашан дали му верува на рускиот претседател, Трамп одговорил: „Не му верувам речиси на никој, искрено“.
Во врска со својата политика за депортација, Трамп истакнал дека неговиот тим прави „одлична работа“, наведувајќи значително намалување на бројот на мигранти што влегуваат од Мексико. Иако не открил конкретни бројки, рекол дека приоритет му е „брзо да се отстранат криминалците“.
Во делот за надворешната политика, Трамп изразил фрустрација со Путин поради недостигот на напредок во мировниот процес за Украина, заканувајќи се со секундарни санкции доколку договор не се постигне во рок од 50 дена.
„Мислев дека имаме договор четири пати, а потоа гледам дека нападнал старечки дом во Киев. Си велев: ‘Што беше поентата од сето ова?’“, рекол Трамп.
И покрај тоа, тој не ја затвори вратата за дипломатски контакти со Кремљ: „Не сум завршил со него, но сум разочаран“.
Во однос на НАТО, Трамп – кој порано ја нарекуваше алијансата „застарена“ – рече дека сега мисли дека станала „спротивното од тоа“. Тој додаде дека членовите конечно почнале да ги плаќаат своите обврски, откако САД сноселе непропорционален дел од трошоците.
„САД плаќаа речиси 100% од трошоците, но сега другите земји плаќаат, и тоа е многу подобро“, рече тој, повикувајќи се на неодамнешната заложба на членките да го зголемат буџетот за одбрана на 5% од националните буџети.
Трамп се осврна и на односите со Велика Британија, порачувајќи дека врската со таа земја е „подеднакво специјална како што мислат и самите Британци“. Тој рече дека го почитува премиерот Киер Стармер, иако е „либерал“, и го пофали новиот договор што ги намалува трговските бариери меѓу двете земји.
За неговата претстојна посета на Британија, која нема да вклучува обраќање пред парламентот, Трамп рече дека не инсистира на тоа, додавајќи дека го смета кралот Чарлс за „вистински господин“.
На крајот, со шега го заклучи разговорот: „Имате повеќе имиња отколку која било друга земја – Англија, Велика Британија, Обединето Кралство… тоа е рекорд“.

