35.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ЕУ и граѓанските организации повикуваат на одговорност по убиството на Росица и нејзиниот татко во Велес

Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија осуди „свирепо убиство“ на 31-годишната Росица Нацева и нејзиниот татко, повикувајќи на итна и темелна истрага и зајакнување на институционалната заштита на жените од насилство.

„Оваа трагедија не е изолиран случај, туку ја отсликува празнината во системот“, наведува ЕУ во реакција по случајот, истакнувајќи дека на симболичната 30-годишнина од Пекиншката декларација за правата на жените, фемицидот останува сериозен проблем. „Институциите мора да делуваат одлучно, да истражуваат детално и да обезбедат секоја пријава за насилство врз жена да добие внимание кое го заслужува“, се додава во соопштението.

Во знак на револт, граѓаните вчера организираа мирен протест пред Министерството за внатрешни работи и Собранието. Учесниците бараа поефикасна заштита од родово базирано насилство и ги критикуваа полицијата и судскиот систем за непостапување според протоколите. Мотото на протестот беше „Ниту една повеќе“.

Активистите и граѓаните истакнаа дека убиството на Росица е „последниот трагичен пример за системскиот колапс“ и дека институциите често не обезбедуваат заштита дури и кога заканите се пријавени навреме.

Либерално-демократската партија предложи воведување електронска белезница за сторителите на насилство, со цел „трагедијата на Росица да биде последна“.

Клубот на пратенички во Собранието, предводен од Јована Тренчевска од СДСМ, повика на доследно почитување на законите и навремена реакција на институциите за заштита на жените од насилство и фемицид. „Жените не смеат да живеат во страв, институциите мора да преземат мерки за превенција и спречување на насилството“, порача Тренчевска.

Пратеничката Гордана Петровска додаде дека секое непостапување во случајот Росица мора да биде казнето, истакнувајќи дека жртвата повеќе пати пријавувала закани и насилство, но добила само игнорирање од институциите, што резултирало со нејзината смрт.

Случајот предизвика жестоки реакции во јавноста и отвори дебата за потребата од системски промени и одговорност на сите нивоа на институциите.

Related posts

Германски печат: „Опасен курс на Балканот – а Берлин молчи“

admin

Историски ден на Волстрит: Илон Маск стана првиот трилионер во светот

admin

Љуботен 2001: Две трагедии, одделни сеќавања, етничко известување

admin

Полскиот претседател го блокира европскиот заем за оружје – земјата на работ на финансиска криза!

admin

Германија ја усвои првата воена стратегија, Русија означена како главна закана

admin

Фудбалот и геополитиката се испреплетуваат околу мечот Данска – С Македонија

admin