Германија од јануари ќе почне да ги анкетира сите машки лица кои наполниле 18 години за нивната физичка подготвеност и став кон воената служба, како дел од новата шема за воена служба воведена поради безбедносните стравувања поврзани со Русија и недостигот од кадар во армијата.
Според новите правила, сите 18-годишни мажи ќе бидат законски обврзани да пополнат прашалник испратен од германските вооружени сили – Бундесверот. Оние кои ќе одбијат да го сторат тоа може да бидат казнети со глоба до 1.000 евра, соопшти Министерството за одбрана.
Анкетата, која содржи 14 прашања, се однесува на физичката подготвеност, интересот за приклучување кон војската, можниот период и времетраењето на службата, како и евентуални здравствени ограничувања. Пополнувањето на прашалникот не подразбира обврска за стапување во воена служба.
Анкетирањето е дел од компромисната верзија на владината реформа за воена служба, откако првичниот план за целосно враќање на задолжителниот воен рок наиде на политички отпор.
Министерството за одбрана проценува дека околу 54.000 вакви прашалници ќе се испраќаат месечно. Жените постари од 18 години ќе можат доброволно да учествуваат во анкетата доколку се заинтересирани за служба во армијата.
Од јули 2027 година, 18-годишните мажи ќе бидат законски обврзани и да се појават на медицински преглед за утврдување на нивната способност за служба. Властите соопштија дека војската ќе има овластувања да побара полициска асистенција доколку лицата упорно одбиваат да се појават на преглед.
Германската влада ја одобри новата шема во декември 2025 година, наведувајќи ја руската инвазија врз Украина и проценките дека можен поширок конфликт меѓу Русија и Западот би можел да избие во следните неколку години.
Берлин наведува дека Германија е цел на хибридни операции, вклучувајќи саботажи и кибер напади, поврзани со поддршката што Западот ѝ ја дава на Украина.
Реформата има за цел и справување со хроничниот недостиг од персонал во Бундесверот, кој со години се соочува со последици од недоволно финансирање. Германија моментално има околу 182.000 активни војници, а целта на владата е бројката да се зголеми на околу 260.000 до почетокот на 2030-тите.
Канцеларот Фридрих Мерц првично се залагаше за целосно враќање на задолжителниот воен рок, но се соочи со отпор од коалициските партнери, особено од Социјалдемократите, кои инсистираа системот да остане доброволен засега. Владата предупреди дека би можела повторно да ја разгледа задолжителната регрутација доколку новиот модел не обезбеди доволно регрути.

