Граѓаните и дел од советниците во Куманово продолжуваат да изразуваат незадоволство од решенијата на Управата за јавни приходи (УЈП) за ретроактивно плаќање данок на доход остварен во странство. Тие бараат итно стопирање на извршувањата, суспензија на каматите и флексибилна наплата на рати, според висината на данокот.
Протести се најавени до петок од 14 до 16 часот пред зградата на УЈП во Куманово, каде граѓаните, кои работеле во базите во Ирак и Авганистан, бараат правична примена на законот и запирање на присилната наплата.
На претходните демонстрации, граѓаните побараа правилно утврдување на даночната резидентност, признавање на доказите за престој и работа во странство, ревизија на решенијата и усогласување на даночната пракса. „Не бегаме од плаќање даноци, но бараме законска и правична примена“, порачаа печалбарите.
Советниците од „Ред за Куманово“ предложија јавно отворање на прашањето и отстранување на политичкиот контекст, како и итно стопирање на извршувањата и каматите, со наплата во флексибилни рати. Тие побараа УЈП и МВР да го утврдат статусот на резидентност над 183 дена и да не изготвуваат решенија за лица кои не биле даночни резиденти.
Досега, УЈП испрати околу 10.000 покани за пријавување доход остварен во странство. Директорката Елена Петровска нагласи дека сите даночни резиденти се должни да го пријават и оданочат целокупниот доход, вклучително и приходите од странство, со гаранција дека нема да се јави двојно оданочување доколку данокот е платен во странство.
Граѓаните најавуваат продолжување на протестите додека не се обезбеди законска и правична примена на даночните обврски.

