Поранешниот премиер на Северна Македонија и екс-лидер на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, ги отфрли како „лаги и клевети“ обвинувањата што, според него, со години ги пласира опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзини претставници, барајќи јавно извинување и најавувајќи судска постапка доколку тоа не се случи.
Во објава на социјалните мрежи, Заев изјави дека веќе пет години е целосно повлечен од политиката, откако поднел оставка од сите политички и државни функции, но дека и покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпароли и блиски медиуми, „речиси секојдневно“ продолжуваат да го спомнуваат и да шират, како што вели, неточни и навредливи тврдења за него.
Заев побара јавно извинување од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, како и од самата партија, поради, како што наведе, „намерната злоупотреба“ на неговото име во, според него, режирана политичка кампања поврзана со неодамнешната конфискација на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста,“ напиша Заев, додавајќи дека е „целосна невистина“ и тврдењето дека тој остварувал контакти или вршел притисок врз Царинската управа.
Поранешниот премиер ги отфрли и другите обвинувања што, според него, со години се повторуваат во јавноста – од тврдења дека градел облакодери од 40 ката во Дубаи, до наводи за притисоци поврзани со купување приватна болница и мешање во работата на правосудните и други државни институции. Сите тие наводи Заев ги оцени како „измислици и конструкции без никаква основа“.
Во објавата, Заев истакна дека со години трпел навреди без да реагира правно, нагласувајќи дека никогаш не сакал да тужи и дека се залагал за слобода на говорот. Тој потсети и на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, наведувајќи дека и по тие настани не побарал одмазда и дека никогаш не ја злоупотребил својата поранешна политичка позиција.
Сепак, Заев порача дека трпението му е при крај. Тој најави дека доколку во законски предвидениот рок не добие јавно извинување од Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ, ќе поднесе тужба и ќе ги искористи сите расположливи правни средства за, како што рече, „да ја симне дамката од своето име“.

