20.3 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Трамп сподели расистичко видео со Обама – притисокот расте, извинување нема

Американскиот претседател Доналд Трамп избриша видео со расистичка содржина објавено на неговиот официјален профил на платформата Truth Social, во кое поранешниот претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама се прикажани како мајмуни, откако објавата предизвика бран остри реакции и осуди низ САД. Трамп, сепак, одби да се извини.

Видеото, за кое Белата куќа подоцна соопшти дека било „погрешно објавено“ од страна на вработен, беше генерирано со помош на вештачка интелигенција и се појави на личниот профил на Трамп, каде што тој редовно објавува содржини. Расистичката објава беше отстранета по околу 12 часа, но дотогаш веќе беше широко споделена и коментирана во американската јавност.

На новинарско прашање дали ќе се извини, Трамп одговори дека нема намера да го стори тоа. „Не, не направив никаква грешка,“ рече тој, додавајќи дека го видел само почетокот на видеото и претпоставува дека имало делови кои „на луѓето не им се допаднале“. Иако изјави дека ги осудува расистичките елементи, тој не презеде лична одговорност за објавата.

Објавата предизвика остри реакции и од Демократската партија и од дел од Републиканците. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, потенцијален демократски кандидат на идните претседателски избори, го нарече видеото „одвратно однесување од страна на претседателот“ и повика сите републикански функционери јавно да го осудат.

Поранешниот советник на Барак Обама, Бен Роудс, изјави дека „идните генерации ќе ги почитуваат Обамови“, додека Трамп, според него, „ќе остане запаметен како дамка во историјата“.

Републиканскиот сенатор Тим Скот од Јужна Каролина, кој е Афроамериканец, напиша на платформата X дека станува збор за „најрасистичката работа што некогаш излегла од Белата куќа“, додека групата „Републиканци против Трамп“ ја оцени објавата со коментарот дека „подолу од ова не може“.

Видеото исто така рециклира тврдења за наводна изборна измама на претседателските избори во 2020 година – обвинувања што Трамп и неговите поддржувачи и понатаму ги повторуваат, иако не постојат докази дека гласачките машини биле манипулирани. Според проверката на факти на германската новинска агенција ДПА, сцената со Обамови потекнува од подолго видео генерирано со вештачка интелигенција кое кружело на интернет уште во 2023 година.

Објавата беше поставена за време на Black History Month – месецот во кој САД ја одбележуваат историјата и придонесот на Афроамериканската заедница – што дополнително ги засили критиките.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, првично го бранеше видеото, нарекувајќи го „интернет-меме“ и повикувајќи ги медиумите да не создаваат, како што рече, „лажна вознемиреност“. Подоцна, видеото беше избришано без дополнително образложение.

Инцидентот се надоврзува на долгата историја на напади на Трамп врз Обама. Во минатото, Трамп ја промовираше теоријата на заговор дека Обама не е роден во САД, туку во Кенија – тврдење што подоцна беше целосно демантирано. Трамп официјално призна дека Обама е роден на Хаваи дури во 2016 година.

Трамп со години користи провокативна и често критикувана реторика. Во својата кампања за 2024 година тврдеше дека имигрантите „ја трујат крвта на земјата“, а за време на неговиот прв мандат одредени земји со претежно темнокожо население ги нарече „дупки од нечистотија“, што подоцна и самиот го призна.

 

Related posts

Капетановиќ: Регионалната соработка клучна за кредибилен пат кон ЕУ

admin

Флорида ги брои трошоците за ураганот Милтон во услови на политичка бура

admin

ЕУ ќе купува оружје за Украина и ќе забрани руски медиуми

ninja

Саманта Пауер: Руската инвазија на Украина влијае на светската безбедност на храната

ninja

Трамп сака да влијае врз изборот на нов лидер на Иран 

admin

Сиљановска-Давкова: Преименувањето на улици во Тетово треба да се реши инклузивно и со консензус

admin