Вработени во канцеларии со блокиран интернет, тинејџери кои постојано менуваат VPN сервиси и таксисти што тешко се снаоѓаат без онлајн навигација – властите во Русија значително ја засилија контролата врз дигиталниот простор.
Руската влада периодично го прекинува мобилниот интернет во делови од земјата, додека ги ограничува апликациите за пораки како Телеграм и ВатсАп и блокира десетици VPN услуги што се користат за заобиколување на забраните.
Во изминатата недела, мобилниот интернет секојдневно бил целосно исклучуван во делови од Москва, Санкт Петербург и други големи градови, јави Ројтерс.
„Овие мерки се преземаат“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Делумно се поврзани со тоа што одредени странски компании одбиваат да ги почитуваат руските закони, а делумно со безбедносни мерки поради заканата од украински дронови.“
Дроновите можат да користат мобилни мрежи за навигација, што, според властите, ја оправдува рестрикцијата.
Паралелно со техничките ограничувања, Русија воведе нови закони кои им овозможуваат на мобилните оператори да исклучуваат корисници по барање на Федералната служба за безбедност (ФСБ), а агенцијата доби и овластувања да воспостави сопствена мрежа на притворски центри.
Дипломати велат дека целта е зајакнување на домашната контрола во контекст на војната во Украина. Тие предупредуваат дека долготраен конфликт може да ја намали јавната поддршка, додека евентуален крај на војната може да предизвика незадоволство.
Еден дипломат оцени дека Москва создава услови за „голема репресија“ на интернет.
Рускиот истражувачки новинар Андреј Солдатов изјави дека безбедносните служби се обидуваат да избегнат сценарио слично на периодот по војната во Авганистан во 1989 година, кога земјата влезе во нестабилност, дополнително засилена со распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
„Она што се случува сега е обид да се создаде систем што нема да се распадне без разлика дали ќе има мировен договор или долга војна“, рече Солдатов.
Два руски извори наведуваат дека Москва ги проучувала моделите на земји како Кина и Иран, со цел да развие систем за блокирање на големи делови од интернетот и контрола на комуникациите.
По инвазијата врз Украина во 2022 година, Русија воведе едни од најрестриктивните закони од советската ера наваму. Оваа година мерките дополнително се заострени.
Претседателот Владимир Путин, поранешен офицер на КГБ, повика на засилување на борбата против тероризмот и зајакнување на „информацискиот и дигиталниот простор“.
Кремљ тврди дека мерките се законски и неопходни за безбедноста, додека двајца руски функционери блиски до власта ги отфрлија обвинувањата за репресија, наведувајќи дека станува збор за заштита од западно влијание.
Сепак, странските дипломати оценуваат дека обемот на ограничувањата годинава е без преседан.
До средината на јануари биле блокирани повеќе од 400 VPN услуги, што е значителен пораст во однос на претходната година.
Во последните недели, властите дополнително го засилија притисокот врз Телеграм и ВатсАп. Телеграм беше забавен, а неговиот основач Павел Дуров е предмет на истрага поврзана со обвиненија за тероризам.
Руските власти тврдат дека апликацијата била компромитирана од украински и западни разузнавачки служби, што Телеграм го негира.
Дуров изјави дека Москва се обидува да ги натера граѓаните да користат државна апликација за пораки.
„Секој ден се измислуваат нови изговори за ограничување на пристапот до Телеграм, во обид да се потиснат приватноста и слободата на говорот“, рече тој.
ВатсАп беше целосно блокиран минатиот месец поради непочитување на локалните закони, а неговиот сопственик, технолошкиот гигант Мета, ја оцени мерката како чекор назад за безбедноста на корисниците.
Некои млади Руси велат дека ќе продолжат да ги заобиколуваат ограничувањата користејќи нови VPN сервиси, главно за пристап до западни апликации како Инстаграм и Снепчет.
„Ако овие политичари сакаат да блокираат сè, зошто не направат домашни апликации што се интересни?“ рече Андреј, кој од безбедносни причини не го откри своето презиме.

