Коалицијата ВЛЕН упати нови обвинувања кон ДУИ, тврдејќи дека партијата брани, како што велат, „неуспешен и штетен“ енергетски проект кој со години не дал резултати, а чинел милиони евра.
Во соопштението, ВЛЕН поставува прашања кој во ДУИ има интерес да ја брани компанијата ангажирана во проектот, наведувајќи дека таа „со години не изградила ништо“. Тие посочуваат дека проектот имал реализација од околу 4% во период од четири години.
Коалицијата наведува дека во 2023 година, управниот одбор на МЕПСО, вклучително и кадри поврзани со ДУИ, донел одлука за иницирање постапка за раскинување на договорот со изведувачот, поради неисполнување на обврските и недостиг на напредок.
„Сите тогаш беа за раскинување на договорот. Денес истите тие го бранат. Зошто?“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.
Од коалицијата тврдат дека договорот бил нефункционален, со истечен рок и без активности на терен, додека паралелно се барале дополнителни средства преку анекси.
„Ова не е реализација – ова е систем за извлекување пари“, наведуваат од ВЛЕН, додавајќи дека државата плаќала камати со години додека проектот стагнирал.
ВЛЕН обвинува дека ДУИ не ги брани интересите на граѓаните, туку, како што велат, „систем во кој проектите не се реализирале, туку се користеле за финансиски користи“.
Во исто време, коалицијата најавува дека работи на реализација на нови енергетски проекти, вклучително и, како што наведуваат, првата електроенергетска врска со Албанија.


