Со само еден месец до почетокот на Светското првенство 2026, вниманието сè повеќе се насочува кон временските услови кои би можеле да влијаат врз турнирот што ќе се игра во САД, Канада и Мексико.
Според анализата на Би-Би-Си, екстремните горештини, високата влажност, грмотевичните бури и чадот од шумски пожари претставуваат сериозен ризик за натпреварите, играчите и навивачите.
ФИФА веќе призна дека високите температури можат да бидат проблем и најави задолжителни триминутни паузи за разладување во двете полувремиња на секој натпревар.
Во делови од јужниот дел на САД и северно Мексико, просечните летни температури се движат меѓу 33 и 36 степени Целзиусови, а за време на топлотни бранови можат да достигнат и до 40 степени.
Дополнителен проблем е влажноста, која го отежнува ладењето на телото и прави температурата да се чувствува значително повисока.
Во Мајами, на пример, типична летна температура од 32 степени може да се чувствува како 43 степени.
Научна студија објавена во 2025 година во International Journal of Biometeorology покажала дека 14 од 16 градови домаќини би можеле да достигнат нивоа на топлотен стрес опасни за елитните спортисти.
Особено ризични се Мајами, Хјустон, Далас, Монтереј, Канзас Сити и Атланта.
Поради тоа, повеќето натпревари ќе се играат во вечерните часови или доцна попладне, а дел од стадионите ќе користат покриви и климатизација.
Освен жештините, сериозна закана претставуваат и грмотевичните бури, кои се чести во американските градови домаќини.
Според американските правила, ако молња биде регистрирана во радиус од 16 километри од стадионот, натпреварот автоматски се прекинува најмалку 30 минути.
Минатата година, за време на Светското клупско првенство, шест натпревари биле прекинати поради жештини и невреме, вклучително и двочасовен прекин на мечот меѓу Челси и Бенфика.
Дополнителен ризик се шумските пожари и загадениот воздух. Големите пожари во Канада во 2023 година предизвикаа опасен чад низ Северна Америка, што доведе до откажување спортски настани и нарушување на квалитетот на воздухот во градови како Њујорк.
ФИФА засега нема фиксни правила за прекин на натпревари поради загаден воздух, па одлуките ќе се носат според реалните услови и препораките на локалните здравствени власти.
Метеоролозите предупредуваат дека временските услови може да предизвикаат доцнења, евакуации на стадиони и проблеми со транспортот и сместувањето на навивачите.

