Коалицијата ВЛЕН ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) за антизападна реторика и недистанцирање од, како што наведе, „скандалозна“ изјава на пратеник на ДУИ насочена кон САД и Европската Унија.
Во соопштение, ВЛЕН наведе дека поминале 48 часа од спорната изјава, а од ДУИ немало ниту извинување, ниту реакција, што според коалицијата претставува „политичка потврда на антипроевропскиот менталитет“.
„Кога се напаѓаат Соединетите Американски Држави и Европската Унија, секој субјект што тврди дека е прозападен веднаш би се дистанцирал“, се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН оценија дека е особено загрижувачки што ваквата реторика доаѓа од пратеник кој е лекар по професија и „се смета за професионално изграден кадар“.
Коалицијата постави прашање какви ставови преовладуваат кај другите функционери на ДУИ, меѓу кои ги спомена Муса Џафери, Блерим Беџети и Садула Дураку.
„Дали овој гнев кон меѓународната заедница е резултат на фактот што листата на функционери на ДУИ кои завршуваат на американската црна листа постојано се проширува?“, прашуваат од ВЛЕН.
Според коалицијата, ДУИ секојдневно покажува дека „го изгубила евроатлантскиот правец“ и дека, поради политичката криза и губењето поддршка кај Албанците, се движи кон „опасен антизападен дискурс“.
ВЛЕН порача дека Албанците во Северна Македонија остануваат „најпроамерикански и најпроевропски народ во регионот“ и дека нема да дозволат нарушување на стратешката ориентација кон САД и ЕУ.

