Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со години водела кампања против Преспанскиот договор и членството на Северна Македонија во НАТО, додека денес нејзини функционери јавно ги фалат истите политики.
„Министерот Тимчо Муцунски денес признава дека НАТО е феноменална работа, дека дава безбедност и поволна клима за инвестиции“, изјави Филипче на прес-конференција.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ победила на изборите со, како што наведе, „лажна теза“ дека СДСМ го предал македонскиот идентитет преку Преспанскиот договор.
„ВМРО ги доби изборите со лажна теза дека СДСМ и сите ние сме предавници на македонскиот идентитет. Дека Преспанскиот договор е предавство и дека ќе го поништат договорот“, рече Филипче.
Според него, изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски покажуваат дека власта денес признава оти договорот и членството во НАТО биле корисни за државата.
Филипче посочи дека Сиљановска-Давкова изјавила дека Преспанскиот договор го потврдува македонскиот идентитет, додека Мицкоски го нарекол „ремек-дело на дипломатијата“.
„Знаеја дека НАТО е најдоброто нешто што ни се случило, но сепак години наназад не престанаа да нè нарекуваат предавници и да сеат поделби“, рече лидерот на СДСМ.
Тој побара ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски да им се извинат на граѓаните за, како што рече, „години лаги и токсични поделби“, оценувајќи дека власта треба да ја продолжи политиката на европска интеграција или „да си замине“.

