Извршниот директор на британската банка Стандард Чатеред, Бил Винтерс, се извини по критиките што ги предизвика неговата изјава за вработените чии работни места би можеле да бидат заменети со вештачка интелигенција.
Говорејќи на инвестициска конференција, Винтерс рече дека автоматизацијата не е само прашање на кратење трошоци, туку „замена, во некои случаи, на човечки капитал со пониска вредност со финансиски капитал и инвестициски капитал“.
Изјавата предизвика реакции меѓу вработените и на социјалните мрежи, по што Винтерс преку LinkedIn се извини за изборот на зборови.
„Жалам што формулацијата предизвика вознемиреност кај некои колеги“, напиша тој.
Винтерс објасни дека банката очекува намалување на околу 15 проценти од административните и помошните позиции во следните четири години, што претставува околу 7.800 работни места.
Според него, банката со години им помага на вработените чии позиции се изложени на ризик од автоматизација да стекнат нови вештини и да преминат на други работни места во рамките на банката.
„Сакав да кажам дека работните позиции со помала додадена вредност се поранливи на автоматизација и дека ние имаме одговорност да им помогнеме на колегите да преминат во позиции со повисока вредност“, напиша Винтерс.
Во второ обраќање тој објави и транскрипт од спорниот говор, тврдејќи дека неговите целосни изјави покажуваат дека ги цени сите вработени и дека банката останува посветена на помошта за персоналот во период на брзи технолошки промени.
Но реакциите продолжија.
„Тешко е да се види разликата меѓу она што го кажавте и она што подоцна го напишавте“, напиша еден корисник под неговата објава.
Друг коментираше: „Ќе останете запаметен како човекот што мисли дека неговите вработени се ‘со пониска вредност’.“
Во интерна порака до вработените, Винтерс признал дека медиумските извештаи можеби делувале вознемирувачки кога неговите зборови биле сведени на кратки цитати и наслови.
Тој им се заблагодарил на вработените и порачал дека банката ќе даде приоритет на прераспределба на персоналот „каде што тоа е можно“ и дека промените ќе се спроведуваат „внимателно и одговорно“.
Портпарол на Standard Chartered соопшти дека банката комбинира „најдобар човечки талент со вештачка интелигенција“ и инвестира во обука на персоналот за идните потреби на индустријата.
Стандард Chartered има околу 82.000 вработени на глобално ниво, најголем дел во административни и оперативни функции.
Растот на вештачката интелигенција во последните две години предизвика нов бран стравувања за масовни откази, особено во технолошкиот и финансискиот сектор. Компании како Amazon, Meta и Microsoft веќе најавија десетици илјади отпуштања, делумно поврзани со автоматизацијата и AI алатките.

