35.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
СТАВ

Индекс на политички интегритет: Случај на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска

Индекс на политички интегритет [1]

Случај – В.Д. претседателка на Основен кривичен суд – Скопје, Даниела Димовска

Вовед:

Во фокусот на оваа анализа е в.д. претседателката на Основниот кривичен суд – Скопје, Даниела Димовска, нејзиниот избор за в.д. претседател и поврзаноста со случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е најсериозната трагедија со која се соочила државата од нејзината независност. Животот трагично и брутално го загубија 63 млади луѓе, што за град со големина на Кочани претставува речиси една цела млада генерација. Неспорно е дека причините за оваа трагедија лежат во нефункционален систем кој не е поставен да обезбеди минимум безбедносни стандарди и почитување на законските норми што постојат за заштита на граѓаните. Премиерот Христијан Мицкоски уште на првата прес-конференција, вечерта по трагедијата во Кочани, соопшти дека постојат елементи на корупција и изигрување на системот. Подоцна, како преку истражувачкото новинарство, така и преку изјавите на Основното јавно обвинителство, во јавноста се појавија информации кои потврдуваат дека корупцијата ги надживеала сите политички гарнитури во период од 13 години, колку што постои дискотеката.

Во вакви околности, правичното и неселективно постапување на истражните и судските органи е единствената можност за враќање на довербата на граѓаните во системот.  Оттука, неопходно е да се разгледа постоењето на можен судир на интереси, сомнежи за можни влијанија и селективност, односно дали и на кој начин позицијата на в.д. претседателката Димовска може да влијае врз судскиот процес во кој е осомничен нејзиниот брат.

 

Оценување на политичкиот интегритет: категорија ДАМКА со негативна вредност од –6

Постојат јавни индиции и сомнежи за неетичко однесување, но не постои институционална реакција и нема притисок од јавноста или медиумски фокус на овој аспект од случајот „Пулс“. Според индикаторите од методологијата на индексот, оценката за политички интегритет е -6.

 

Категорија: Етичка култура

Клучен аргумент:

  1. Братот на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд – Скопје  подоцна е осомничен за корупција поврзана со сопственикот на дискотеката „Пулс“.

Истрагата на Основното јавно обвинителство за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ првично не ги опфати инспекторите на Управата за јавни приходи. Во меѓувреме, во јавноста се појави новинарска сторија во која беше објавена комуникација помеѓу сопственикот на дискотеката „Пулс“и инспектори на УЈП. Веројатно како резултат на истражувачката новинарска сторија што изнесе на виделина докази за корупција, односно примање/давање на мито, се отвори нова истрага во која е опфатен и инспекторот Драган Паунов, брат на в.д. претседателката на Основниот Кривичен суд Скопје, Даниела Димовска. Иако овој предмет не се спојува со актуелниот предмет за пожарот во дискотеката „Пулс“, затоа што не постои поврзаност со штетната последица, сепак, самиот сомнеж за корупција поврзан со работата на дискотеката „Пулс“ и барањето на Основното јавно обвинителство за ефективен притвор за Драган Паунов претставува индикатор за неговата вмешаност во незаконската работа на дискотеката. Дополнителен сомнеж за незаконско и неетичко влијание фрла фактот што барањето за ефективен притвор е одбиено, на Драган Паунов му е определен домашен притвор кој потоа е исто така укинат и во моментов му се определени мерки на претпазливост и можност да се брани од слобода. Одбраната на Паунов и в.д. претседателката на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, негираа можно нивно влијание врз одлуката на судот.

Препорака во насока на заштита на интегритетот: Повлекување од функција на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје со цел обезбедување доверба во процесот на судење на случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“.

Дали в.д. претседателката Даниела Димовска знаела за вмешаноста на нејзиниот брат во претходната работа на дискотеката станува секундарно прашање. Со нејзиното неповлекување од функцијата, откако се отвара нова истрага и нејзиниот брат е осомничен, нејзиниот интегритет е потенцијално компромитиран. Можноста да влијае врз судењето и врз судиите на кои им е претпоставена, можноста да влијае на судиите на претходна постапка кои носат одлука за притворот во Основниот суд во Кочани и Апелацискиот суд во Штип, и кои носат одлуки во корист на нејзиниот брат и покрај жалбите на Основното јавно обвинителство, можноста преку јавни изјави да влијае врз јавноста, како и потенцијалниот конфликт на интереси, директно влијаат врз довербата што граѓаните треба да ја стекнат во системот и во правдата преку правичното судење.

Функционер со интегритет, кој е поставен да го штити јавниот интерес и правдата, веднаш би се повлекол со цел да обезбеди доверба кај граѓаните во судењето на случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“.

Препораки:

Со оглед на тоа дека изборот и разрешувањето на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје е во надлежност на Судскиот совет, препораката со која сè уште може да се санира штетата врз интегритетот е Судскиот совет да отвори предмет и да дискутира за овој можен конфликт на интереси и можно влијание врз процесот во кој е осомничен и нејзиниот брат. Доколку се утврди потреба, Судскиот совет може да го ажурира подзаконскиот акт што го уредува прашањето врз основа на кое може да се постапува. Воедно, Судскиот совет има директна надлежност да донесе одлука и за нејзино повлекување/разрешување, на истиот начин како што го извршил и нејзиниот избор. Конечно, Судскиот совет преку ваква дискусија не само што би ги убедил граѓаните дека го штити јавниот интерес и правдата, туку и би ги тргнал сомнежите дека со нејзиното именување создава услови за избегнување на правдата за лицата кои се осомничени и се судат за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

______________________________________________________________________________

Документот е подготвен од Форум за разумни политики (ФРП) како дел од нашата долгорочна работа на развој и одржување на Индексот за политички интегритет. Анализата се темели на јавно достапни податоци во медиумите и утврдени критериуми на индексот.

[1] Методологија на „Индекс на политички интегритет“

 

Related posts

admin

Младинскиот наратив како клуч за европеизација на Балканот

admin

Се укинува ветото во ЕУ? Само во нашите соништа!

admin

Казна за Еуростандард банка

admin

Протестите во Чашка – одбрана на “подземната коалиција” за Дака, Анѓушев, Самсоненко… и следните на “црната листа”

admin

Германија го загуби она што најдобро го правеше

admin