26.5 C
Скопје
27 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Нова војна меѓу МВР и ОЈО ГОКК – Тошковски зборува за „стратегија на напад“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не требало да споделува информации со јавноста во оваа фаза од постапката за можната шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во интервју за „360 степени“, Тошковски рече дека предистрагата по своја природа подразбира тајност и оцени дека е „изненаден“ од деталите што биле пласирани во јавноста од страна на обвинителството.

„Предистрага е постапка што сама по себе подразбира тајност во рамки на постапувањето“, изјави Тошковски, додавајќи дека Министерството за внатрешни работи не е „курирска служба“, туку институција што треба да спроведе анализи и проверки по наредба на обвинителството.

Тој ги отфрли наводите дека МВР го одолговлекува предметот, посочувајќи дека од последната наредба на обвинителството поминале помалку од два месеца, што според него не е невообичаен рок за ваков тип постапки.

Тошковски сугерираше дека во јавноста намерно се отвора тема за „ненавремено постапување“ на МВР, со цел да се изврши притисок врз институцијата и да се дефокусира вниманието од други предмети што ги отвора министерството.

Министерот најави дека во текот на следната недела МВР ќе достави известување до обвинителството со анализи и документација поврзани со случајот.

Од ОЈО ГОКК претходно соопштија дека се води предистрага за можна шпионажа во кабинетот на претседателката и дека до Секторот за компјутерски криминал при МВР биле доставени барања за анализа на мобилни телефони, компјутерски системи и видеонадзор, но оти досега не добиле повратни информации за преземените дејствија.

„Ќе бидете шокирани од тоа што следува за ‘Мазут’“

Министерот Тошковски најави нов развој на настаните околу предметот „Мазут“, истрага што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја затвори пред две недели поради недостиг на докази.

Во предметот осомничени беа 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Тие беа под истрага за злоупотреба на службената положба и перење пари.

Истрагата ја водеше обвинителката Катерина Коларевиќ, која по повеќе од една година истражни дејствија оцени дека нема доволно докази за обвинение што би опстојало пред суд.

Тошковски, пак, рече дека располага со поинакви сознанија.

„Знам некои докази коишто вие не ги знаете. И не може да ги знаете. А јас ги знам заради тоа што морам да ги знам“, изјави министерот, додавајќи дека јавноста „ќе биде шокирана, ама позитивно“.

Тој порача дека доколку предметот остане затворен со доказите што ги видел, тогаш „не треба да ја работи оваа работа“, ниту луѓето од МВР и обвинителството да останат на функциите.

Министерот индиректно ја поврза обвинителката Коларевиќ и со друг чувствителен предмет – истрагата за надзорот на автопатите што ги градат Бехтел и Енка. Тошковски рече дека е „многу чудно“ што во ист временски период се случуваат работи поврзани со „истиот dominus litis“ во постапките.

На прашањето дали со ваквите изјави врши притисок врз обвинителството, Тошковски одговори дека ова е „најблагиот начин“ на кој може да комуницира во јавноста, имајќи го предвид доказниот материјал што го поседува.

По затворањето на истрагата, ЕСМ поднесе приговор до Вишото јавно обвинителство и барање за контрола до Републичкото јавно обвинителство. Од компанијата тврдат дека нивни претставници, кои давале искази во истрагата, биле испратени само за технички појаснувања, а не за да зборуваат за евентуална штета по компанијата.

„Паметен систем“ за побрзо реагирање при случаи на семејно и друго насилство

Тошковски изјави дека МВР разгледува можност за воведување „паметен систем“ кој би им овозможил на институциите побрзо да реагираат при случаи на семејно и друго насилство. Тој објасни дека системот би функционирал со согласност на жртвата, при што полицијата би можела да го активира аудио и видеосигналот од мобилниот телефон на лицето што бара помош.

„Правото на живот е посилно од правото на приватност“, изјави Тошковски, додавајќи дека ваквата алатка би овозможила државата веднаш да знае каде се наоѓа жртвата, кои се најблиските полициски службеници, здравствени екипи и социјални служби што можат да реагираат.

Тој рече дека сличен принцип веќе постои преку системот 112, каде разговорите се снимаат и се користат како доказен материјал, а новата алатка би претставувала надградба на постојниот систем.

На прашањата за можни злоупотреби и нарушување на приватноста, Тошковски одговори дека системот би се користел исклучиво со согласност на жртвата и под строги правила.

Во однос на критиките од Венко Филипче и СДСМ дека МВР планира воведување „шпионски софтвер“, Тошковски изјави дека станува збор за „сулуда имагинација“ на опозицијата.

Министерот посочи дека идејата сè уште е во фаза на разработка и дека пред евентуална имплементација ќе има меѓуинституционална координација и јавна расправа.

Related posts

Ковид-одлуките повторно во фокус: Пендаровски му одговори на Мицкоски

admin

„Made in Veles“: Трамп картички со „милиони“

admin

Владата ја одби понудата на Ryanair, условите ги оцени како „невозможни“

admin

Вашингтон испраќа порака до Техеран и Пекинг: Нема да дозволиме ничија доминација

admin

С.Македонија го одби барањето на Украина за донација на воена опрема

admin

Стефан Андоновски вооружен до заби со оружје кое вреди илјадници евра

admin