Европската Унија разгледува нови механизми за забрзување на пристапниот процес за шесте земји од Западен Балкан, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан што денеска се одржува во Црна Гора.
„Проширувањето, особено кон Западен Балкан, е најважната геополитичка инвестиција што ја прави Европската Унија“, изјави Кошта на заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
Тој најави дека лидерите на Европската Унија и на Западен Балкан во Тиват ќе разговараат за можностите процесот да стане „побрз и поефикасен“, нагласувајќи дека тоа не значи намалување на критериумите за членство.
„Проширувањето не е утопија. Тоа е реална можност во наредните години. За тоа да се случи, мора да работиме побрзо и поинтензивно“, рече Кошта.
Изјавата доаѓа по неговата турнеја низ регионот, во која ги посети Босна и Херцеговина, Албанија, Северна Македонија, Косово, Србија и Црна Гора.
Во Скопје, Кошта испрати јасна порака дека усвојувањето на уставните измени останува единствениот предуслов за формално отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
„Усвојувањето на договорените уставни измени е неопходниот следен чекор за формален почеток на преговорите“, рече тој по средбата со премиерот Христијан Мицкоски.
Пораките на Кошта покажуваат дека Брисел истовремено бара забрзување на процесот, но и целосно исполнување на преземените обврски од страна на кандидатите.
Самитот во Тиват се одржува во време кога Европската Унија настојува да внесе нова динамика во политиката на проширување, поттикната од војната во Украина, растечкото руско и кинеско влијание во регионот и потребата од зајакнување на европската безбедност.
Сепак, регионот останува оптоварен со бројни политички спорови и нерешени билатерални прашања.
Во пресрет на самитот, Црна Гора забрани влез на 87 српски државјани, оценувајќи ги како безбедносен ризик, додека српските безбедносни служби предупредија за наводни закани по безбедноста на претседателот Вучиќ за време на неговата посета на Тиват.
Дополнителен предизвик остануваат реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и усогласувањето на надворешната политика со позициите на Европската Унија.
За Србија, Брисел веќе предупреди дека може да изгуби околу 1,5 милијарди евра европски средства доколку не покаже напредок во демократските реформи и усогласувањето со европската надворешна политика.
Црна Гора во моментов останува најнапреден кандидат од регионот, додека Албанија бележи најбрзо отворање на преговарачките поглавја во последните две години.
За Северна Македонија, пак, дебатата и натаму е фокусирана на уставните измени и односите со Бугарија, прашање што продолжува да го блокира формалниот напредок во пристапните преговори.
Иако Брисел сè почесто зборува за потребата од побрзо проширување, пораките од турнејата на Кошта покажуваат дека Европската Унија нема намера да ги менува основните правила на процесот, туку бара начин да ја задржи политичката динамика и довербата во европската перспектива на регионот.

