Министерот за здравство Азир Алиу најави дека секој полнолетен граѓанин во иднина ќе треба да се изјасни дали сака да биде органодарител по смртта, преку нов дигитален модул во системот „Мој термин“, како дел од законските измени што се во завршна владина процедура.
Говорејќи на трибина посветена на органодарителството и трансплантацијата, Алиу рече дека одлуката ќе се евидентира при посета на матичен лекар, со можност граѓаните во секое време да ја изменат или повлечат својата согласност.
„Органодарителството не смее да биде тема за која првпат разговараме во болничките ходници. За него мора да зборуваме порано, во семејствата, образовните институции, меѓу лекарите и пациентите“, изјави Алиу.
Тој додаде дека кога новиот систем ќе почне да функционира, лично ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.
Настанот беше организиран од Владата, Министерството за здравство и Националната координаторка за трансплантација Билјана Кузмановска, во рамки на кампањата за подигање на јавната свест за органодарителството.
Според Алиу, Министерството во последните два месеца објавило повеќе од 20 видеа со учество на хирурзи, специјалисти, медицински сестри и членови на трансплантациските тимови, а во кампањата наскоро ќе се вклучат и граѓански организации.
Министерот им оддаде признание на семејствата на органодарителите и на медицинските тимови кои учествуваат во трансплантациските процедури, нагласувајќи дека целта е да се изгради доверба во системот и да се зголеми бројот на потенцијални дарители.
„Една одлука може да спаси повеќе човечки животи“, рече Алиу.

