Клиничката болница во Тетово ќе биде кадровски зајакната со вкупно 157 нови вработувања, додека паралелно се реализира инвестициски циклус вреден околу 74 милиони евра за целосна реконструкција и модернизација на установата, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Според Алиу, денеска биле донесени одлуки за вработување на 119 лица од 13 различни медицински профили, неопходни за секојдневното функционирање на болницата.
„Ова претставува силен институционален чекор кон кадровско зајакнување на една од најзначајните здравствени институции во Полошкиот регион“, изјави Алиу.
Од почетокот на годината во болницата веќе биле ангажирани уште 38 лица, од кои 28 специјализанти и 10 припадници на техничкиот и помошниот медицински персонал.
Со новите одлуки, бројот на нововработени достигнува 157 лица во период што министерот го оцени како клучен за развојот на болницата.
Кадровското зајакнување се реализира паралелно со проектот за реконструкција и модернизација на Клиничката болница Тетово, вреден околу 74 милиони евра, кој предвидува целосна обнова на објектите, нова функционална организација и подобрување на условите за лекување на пациентите и работа на здравствените работници.
„Тетово и целиот Полошки регион ќе добијат болница што ќе одговори на реалните потреби на граѓаните“, рече Алиу.
Министерот му се заблагодари на директорот на Клиничката болница Тетово, Ерзен Елези, за, како што наведе, одговорното менаџирање и соработката во процесот на кадровско и институционално зајакнување на установата.

