Претседателот на Собранието Африм Гаши побара целосно и транспарентно разјаснување од албанските власти по информациите дека тројца функционери на ВЛЕН биле задржани на граничниот премин Ќафасан.
Гаши соопшти дека изразува загриженост поради информациите за постапувањето кон пратениците на Собранието на Северна Македонија, нагласувајќи дека тие се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат.
„Секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот“, наведе Гаши.
Тој додаде дека, имајќи ги предвид традиционално добрососедските и братските односи меѓу Северна Македонија и Албанија, очекува случајот целосно да се разјасни, со цел да се зачуваат меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка меѓу двете земји.
Претходно, коалицијата ВЛЕН соопшти дека координаторот на пратеничката група Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата Хасим Муртезани биле задржани околу еден час на граничниот премин Ќафасан, без да добијат официјално образложение. Според ВЛЕН, тројцата патувале со дипломатски пасоши, а неофицијално им било кажано дека постои забрана за нивен влез во Албанија.
Партијата побара од албанските институции да соопштат дали навистина постои таква мерка, кој ја донел одлуката, врз која законска основа и поради кои причини.
Албанската гранична полиција, според Euronews Albania, ја отфрли верзијата за забрана за влез, наведувајќи дека проблем имал четвртиот патник кој бил со делегацијата поради нерегуларности со неговиот пасош. Според оваа верзија, тројцата функционери можеле слободно да влезат во Албанија, но одлучиле да се вратат.
Во меѓувреме, порталот TetovaSot, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека албанските власти наводно ставиле повеќе од 60 лица, главно функционери на ВЛЕН, на „црна листа“ поради сомнежи дека организирале учесници за протестите против владата на Еди Рама во Тирана. Оваа информација досега не е официјално потврдена од албанските власти.
Во јавноста се појавија и други неофицијални тврдења. Експертот за безбедност Ервин Карамуќо изјави дека дел од лицата подолго време биле под мониторинг на албанските институции поради сомнежи за екстремистички активности и финансирање од странство, но за овие наводи исто така нема официјална потврда.

