Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Амер Капетановиќ изјави дека романското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа може да даде нов поттик за практичната регионална соработка и спроведувањето на заедничките иницијативи.
На средбата во Букурешт со романската министерка за надворешни работи Оана Цоју, Капетановиќ разговараше за приоритетите на романското претседавање и за можностите за продлабочување на соработката во области како што се економската поврзаност, отпорноста, одржливиот развој и европската интеграција.
„Букурешт го презема претседавањето со ПСЈИЕ во момент кога регионалната соработка мора да биде и амбициозна и практична. На регионот не му се потребни повеќе декларации одвоени од нивната имплементација, туку посилна поврзаност, поотпорни економии, побезбедни општества и можности што луѓето можат да ги препознаат во својот секојдневен живот“, изјави Капетановиќ.
Тој додаде дека Советот за регионална соработка е подготвен да ја поддржи Романија во претворањето на регионалните приоритети во конкретни иницијативи и мерливи резултати.
Според соопштението, разговорите биле насочени кон спроведувањето на Стратегијата за Југоисточна Европа 2030, Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан како клучни рамки за економски развој и регионална интеграција.
Министерката Цоју ја потврдила поддршката на Романија за активно и резултатски ориентирано претседавање со ПСЈИЕ.
„Претседавањето ќе биде насочено кон зајакнување на регионалната соработка и промовирање практични иницијативи во економскиот развој, поврзаноста, безбедноста, отпорноста и можностите за младите“, се наведува во соопштението.
За време на посетата, Капетановиќ се сретна и со државната секретарка Клара Стаику, како и со претставници на романските институции, со кои разговараше за идната соработка во областите на дигитализацијата, туризмот, безбедноста, управувањето со границите, справувањето со хибридните закани и демографските политики.
Романија го презеде претседавањето со ПСЈИЕ по самитот во Софија во јуни, на кој лидерите на земјите учеснички повторно ја потврдија определбата за регионална соработка, стабилност и европска интеграција.

