Скопје ќе набави 100 нови, целосно еколошки градски автобуси, со што јавниот превоз во главниот град ќе влезе во нова фаза, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски изјави дека набавката ќе се реализира со одлука на Владата и дека станува збор за современи автобуси кои треба да придонесат за подобрување на квалитетот на јавниот превоз и намалување на загадувањето на воздухот.
„Ова е суштинска трансформација на јавниот превоз во Скопје и чекор што директно ќе влијае врз секојдневието на илјадници граѓани“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Најавата следува откако премиерот Христијан Мицкоски претходно соопшти дека Владата обезбедила средства за набавка на вкупно 150 електрични автобуси, од кои 100 ќе бидат наменети за потребите на Град Скопје.
Ѓорѓиевски му се заблагодари на премиерот за, како што наведе, поддршката во реализацијата на проектот, оценувајќи дека проблемите со јавниот превоз постепено ќе бидат надминати.
Засега не се соопштени детали за динамиката на испораката, вредноста на набавката и техничките спецификации на автобусите, ниту кога тие ќе бидат ставени во редовна употреба.

