20.1 C
Скопје
5 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Пет пожари избувнаа истовремено во Кавадаречко: Јанчев тврди дека 90 отсто се подметнати

Пожарот што три дена се ширеше во областа меѓу селата Раец, Дреново и Ќесендре е ставен под контрола, откако повеќе од 100 пожарникари, полицајци, спасувачи и доброволци, поддржани од воздухоплови и тешка механизација, учествуваа во неговото гаснење.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, изјави дека пожарите избувнале речиси истовремено на пет локации, меѓусебно оддалечени од 500 до 700 метри, поради што постои сериозно сомнение дека биле намерно предизвикани.

„Во ист момент избувнаа пожари на пет локации. Според нашите процени, околу 90 отсто од пожарите се подметнати“, рече Јанчев на прес-конференција.

Пожарот бил пријавен околу 21 часот на 2 август во близина на селото Раец. Поради непристапниот терен и силниот ветер, екипите не успеале да го изгаснат во текот на првата ноќ, по што огнот се проширил кон Дреново и Ќесендре.

Ангажирани три „ер-трактори“ и два хеликоптера

Во гаснењето биле вклучени три „ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, по еден хеликоптер на Армијата и на полицијата, пожарникари од Кавадарци и Неготино, полициски екипи, доброволни противпожарни друштва од Штип и Неготино, како и механизација од локалните јавни претпријатија.

На терен биле испратени булдожери, ровокопачи, цистерни, теренски возила и машини за пробивање противпожарни појаси.

„Благодарение на координираната акција, пожарот е опколен од сите страни. Екипите остануваат на терен сè до неговото целосно гаснење“, рече Јанчев.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека пожарот бил исклучително тежок за гаснење поради непристапниот терен и долгата огнена линија.

Тој предупреди дека постои можност дел од жариштата повторно да се активираат, особено во попладневните часови кога температурите и ветерот го зголемуваат ризикот.

Во земјата регистрирани 30 пожари

Според Ангелов, во текот на претходниот ден во земјата биле регистрирани околу 30 пожари на отворено, а пожарите во Кавадаречко биле меѓу најтешките за гаснење.

До вторник попладне, Центарот за управување со кризи регистрирал пет пожари на отворено, од кои четири биле изгаснати, а пожарот во областа Раец–Ќесендре–Дреново сè уште бил активен.

Во пожарот гореле нискостеблеста шума и ниска вегетација. Според локалните власти, нема оштетена високостеблеста шума, станбени објекти или друг приватен имот.

Дреново остана без редовно снабдување со вода

Пожарот оштетил дел од електропреносниот систем, поради што било нарушено снабдувањето со електрична енергија и работата на бунарите што го снабдуваат селото Дреново со вода.

Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци испратило цистерна со вода за технички потреби, која ќе остане во селото до санирање на дефектот од страна на ЕВН.

Локалните власти соопштија дека екипите продолжуваат да го проверуваат теренот поради опасност од скриени жаришта и повторно разгорување на огнот.

Related posts

КОЈ ИМА АМБИЦИЈА ДА БИДЕ ПРВИОТ ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ?

ninja

ЕДНА ТРЕТИНА ОД СТРУЈАТА ВЧЕРА ОБЕЗБЕДЕНА ОД УВОЗ

ninja

Нов граничен премин со Грција: Се спроведува Преспанскиот договор

admin

САД и Иран направија прв чекор: 60 дена до конечен договор

admin

Медиумска „империја“ од Велес до Флорида: случајот на Румен Наумовски

admin

Западен Балкан и ЕУ ја зацврстуваат безбедносната соработка на 10-годишнината на „Џамбо“ во Скопје

admin