7.8 C
Скопје
2 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Водата е чиста, но каде е извештајот?

Спорот околу безбедноста на водата во Гостивар прерасна во остра политичка пресметка меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ, кои меѓусебно се обвинуваат за ширење паника и дезинформации, додека во јавноста остануваат барањата да биде објавена целосната документација за квалитетот на водата.

СДСМ тврди дека контрадикторните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Сашо Клековски и другите надлежни институции создаваат дополнителна неизвесност. Опозицијата бара јавно да биде објавен официјалниот извештај врз основа на кој е оценето дека водата во Гостивар повторно е безбедна за пиење.

„Зошто се крие документот за водата во Гостивар и кој гарантира дека е безбедна?“, праша СДСМ, обвинувајќи дека власта не ги објавува сите податоци од анализите.

Мицкоски претходно рече дека и тој инсистира извештајот да биде објавен. Премиерот истовремено ги отфрли нападите на СДСМ и рече дека истрагата на Обвинителството и Министерството за внатрешни работи продолжува и дека досега се обезбедени три лица.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека водоводниот систем во Гостивар е целосно исчистен и дека водата е безбедна за употреба.

„Наспроти хистеријата и паниката на Филипче и СДС, водата во Гостивар е безбедна, а водоводниот систем е целосно исчистен“, соопшти владејачката партија.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски ја обвини СДСМ дека најпрво создава сомнеж, потоа шири паника и дезинформации, а потоа ги игнорира институционалните деманти.

Политичкиот судир се прошири и на информациите за квалитетот на водата во други населени места. СДСМ соопшти дека во јавна чешма во Кривогаштани биле регистрирани Escherichia coli, интестинални ентерококи, Pseudomonas aeruginosa и зголемен број колиформни бактерии.

ВМРО-ДПМНЕ возврати дека опозицијата ја претставува состојбата со една селска чешма како национална криза.

Партиската реторика во меѓувреме стана сè поостра и се оддалечи од прашањето што е најважно за граѓаните – што покажуваат официјалните лабораториски анализи и дали целосната документација ќе биде достапна за јавноста.

Мицкоски минатата недела најави и дека очекува измените на Кривичниот законик да содржат одредби за санкционирање лица кои свесно создаваат „хистерија“, откако претходно во јавноста се ширеа информации за наводно загадување на водата и во Скопје.

Во случајот со Гостивар, сепак, паралелно се води истрага за причините и евентуалната одговорност за претходното загадување на водоводниот систем.

 

Related posts

Владата најави вонредни мерки за ублажување на растот на цените на горивата

admin

РАДЕВ ГО ПОВИКА ПЕНДАРОВСКИ ДА СЕ ДРЖИ ДО ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА

ninja

Нов клинички центар, дигитални болници и европски милијарди: Планот на Алиу за модерно здравство

admin

Осомничен за 8.000 евра поткуп, но пак се пријавил за претседател на суд

admin

Нов раскол во арапскиот свет: Алжир ги прекина односите со ОАЕ и го затвора небото

admin

“Во борбата со дезинформациите нема подобар одговор од транспарентноста и вистината”

admin